На првите претседателски избори одржани на демократски начин на 17 јуни 2012 година Мухамед Морси беше избран за претседател на оваа држава, а на осмата годишнина од неговото избирање за претседател на Египет, вчера почина во судницата на Владата која со пуч дојде на власт. На Морси понекогаш во текот на судењето не му беше дозволувано да зборува, понекогаш беше изложуван на навреди, но никогаш не отстапи од својот храбар став, пишува Anadolu Agency (AA).
Во дел од судските случаи во кои се судеше тој, му беше изречена смртна казна, во дел од нив тој доби затворски казни од десетици години, додека дел од судските случаи против него сѐ уште беа во тек. Тој истакнуваше дека процесот на судење е неправеден, додека неговата реакција ја истакнуваше со следните зборови: „Јас сѐ уште сум претседател на оваа земја. Според Уставот, обичните судови немаат овластување да отворат истрага против мене.“
Последните информации за Морси се дека беше задржан во самица во високообезбедуваниот затвор „Бурџ ел Араб“, каде што целосно беше укинат неговиот контакт со надворешниот свет, беше во целосна изолација, дури повеќепати не му беше дозволено да се сретне со неговото семејство и со делегацијата за негова одбрана.
– Обраќањата на Морси на рочиштата
Новинарот на АА ги собра истакнатите обраќања на Морси во десетици рочишта по воениот пуч.
По воениот пуч извршен на 3 јули 2013 година од страна на тогашниот министер за одбрана на Египет и началник на Генералштабот на египетската војска, Абдулфетах ел Сиси, Морси беше уапсен, додека за време на неговата прва средба со неговото семејство во септември 2013 година, истакна дека е добар, дека до последен здив е одлучен во својот став против пучот, и дека одблизу ги следи сите настани во земјата.
Морси одбиваше да ја облече белата облека со која египетските власти ги принудуваат затворениците да ја носат. Тој на рочиштето во ноември 2013 година, со раце го направи симболот на Рабиа, и на претседателот на рочиштето му се обрати со овие зборови: „Јас сум твојот легитимен претседател, ти си тој чија одредба е неважечка.“
– Беше натеран да ја облече белата облека
Претседателот на Египет, Морси, во јануари 2014 во рочиштето на судскиот случај познат како „Затворски упади“, во чии рамки беше суден заедно со уште 21 обвинет, за првпат беше забележан со споменатата бела облека.
„Јас сум легитимниот претседател на оваа држава. Не признавам ниту една практика применета од 3 јули досега“, истакна Морси, обраќајќи му се на претседателот на Судот од стаклениот кафез во кој беше задржуван, од каде што нагласи дека судската делегација нема овластувања да го суди него, дека тој е легитимниот претседател на државата, и дека не знае зошто е задржан во овој стаклен кафез.
– „Ќе се уништи пучистичката влада и нејзините лидери ќе одговораат за тоа“
Избраниот претседател на Египет, Морси, кој беше симнат од функцијата преку пуч, за време на рочиштето на судскиот случај во кој беше суден за шпионажа, во април 2014 година, барајќи од судијата неговиот поздрав да биде пренесен до народот, рече: „Ќе се уништи пучистичката влада и нејзините лидери ќе одговораат за тоа.“
На почетокот на рочиштето одржано во Полициската академија во Каиро, другите обвинети го опколиле Морси, а за тоа беа предупредени од страна на претседателот на рочиштето, судијата Шабан еш Шами, кој, обраќајќи се на Морси, истакна дека го прекинува рочиштето. „Доктор Морси, фокусирајте се во нас, ги поздравивте другите обвинети, а нас нѐ заборавивте, дали ме слушате?“, додаде Шабан еш Шами.
Морси реагираше против судијата и му одговори со следните зборови: „Ве замолувам, до народот на Египет да ги пренесете моите поздрави. Ги поздравуваме мировните револуции. Ќе се уништи пучистичката влада и нејзините лидери ќе одговораат за тоа.“
– Морси со порака до слободните револуционери
Морси во јуни 2014 година упати порака до народот на Египет, со апел за „продолжување на белата мировна револуционерна борба“.
„Господ е мојот сведок. За време на мојата функција, не отстапив од борбата против корупцијата и криминалот. Има работи кои ги направив точно, но има и грешки. Но никогаш не го предадов и нема да го предадам аманетот. Моите години ги потрошив водејќи борба против криминалот и ќе ја продолжам оваа борба сѐ додека сум жив“, напиша Морси во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој упати апел до египетскиот народ да биде во единство. „Бидете во единство, не се поделувајте. Не се карајте едни со други. Бидејќи, потоа ќе ја изгубите моќта и државата“, рече тој.
„Револуционерен народе, и вие, слободни револуционери! На патот на Белата мировна револуција бидете цврсти како планините, и продолжете одлучно да одите. Целосно верувам дека наскоро револуцијата ќе резултира со победа“, нагласи Морси во својата порака.
„Слободните народи во светот не го признаа и нема да го признаат овој грешен пучистички режим кој е изграден на лаги“, рече тој.
– „Имам доверба во Божјата победа, во правдата на нашата кауза и во вас!“
Упатувајќи апел до слободните револуционери за продолжување на борбата за Белата мировна револуција, Морси во својата порака додаде:
„Вие, револуцинерни млади на Египет! Светот е восхитен од вас. Вие сте младите на денешницата и на иднината. Вие сте татковината. Верувам дека со упорност ќе го носите знамето на оваа револуција и ќе ја доведете до чесна победа. Револуција, револуција! Трпеливост, трпеливост. Кога им раскажував на генерациите по нас како победивте со трпение, и што жртвувавте за да ја победите оваа борба, уште отсега гледам дека крвта на шехидите, како и борбата на повредените и затворените нема да падне напразно. Знам дека овој пат е тежок, но имам доверба во Божјата победа, во правдата на нашата кауза и во вас.“
– Морси со порака за поддршка за Газа
Првиот претседател на Египет избран на демократски начин, Морси, како и другите обвинети судени во истиот случај со него, во 2014 година упатија порака за поддршка за Појасот Газа која е под блокада, и изложена на нападите на Израел.
Додека беа носени на рочиштетото на судскиот случај познат како „Затворски упади“, отворен по воениот пуч, во чии рамки се судат 131 лице, во јули 2014 година Морси и другите обвинети извикуваа пароли како „Со тебе сме, Газа!“, и со свои раце го направија симболот Рабиа кој стана симбол на демонстрации.
– „Загрижени сме за здравствената состојба на Морси“
Египетскиот револуционерен совет (ERC) во март 2016 година истакна дека се загрижени за здравствената состојба на првиот претседател Египет, избран на демократски начин, Морси, кој потоа беше симнат од функција со воен пуч.
Откако Морси во тој период не учествувал на последните две рочишта, Египетскиот револуционерен совет испрати писмена порака до меѓународните парламенти и организации за човекови права, пред сѐ до Европскиот парламент, во која наведе дека се загрижени за здравствената состојба на Морси.
– Морси: „Тука сум за мојата татковина и мојата религија“
Претседателот Морси, во својата порака испратена од затвор во јуни 2016 година, нагласи дека не е променет неговиот став во врска со воениот пуч во 2013 година, и во врска со практиките извршени по овој пуч.
„Ставот на Морси за 3 јули 2013 година и практиките извршени по овој датум, не е променет. Морси вели ’Тука сум за мојата татковина и мојата религија‘, упатува поздрав до своите сакани и се моли за неговата татковина“, беше наведено во соопштението на семејството на Морси.
– „Се наоѓам на рочиште, но како да ме судат во отсуство“
„Рефлексиите во стаклениот кафез ми предизвикуваат вртоглавица. Поради системот за осветлување внатре, како да ме судат во отсуство“, истакна Морси за време на рочиштето во ноември 2017 година.
Морси во своето обраќање на рочиштето на судскиот случај „Затворски упади“ во Кривичниот суд во Каиро, критикувајќи ги условите на судот, рече: „Се наоѓам на рочиште, но како да ме судат во отсуство. Не можам да ја видам судската делегација. Не знам ниту дали тие ме гледаат. Со прекини можам да слушам што кажува делегацијата за мојата одбрана. Со месеци не се видов со моите адвокати.“
Претходно против Морси беа отворени тужби со различни обвиненија како „Соработување со движењето Хамас, организацијата Хезболах во Либан и Иранската револуционерна гарда, со цел нарушување на интересите на египетската држава“, „Поттикнување насилни настани пред претседателската палата кои резултираа со смртта на демонстрантите“, и „Планирање напад, со цел киднапирање на илјадници затвореници кои се наоѓаат во затворите „Вади Натрун“, „Ебу Забел“ и „Ел Мерџ“, за време на Револуцијата од 25 јануари, преку која беше ставен крај на режимот на соборениот претседател Хосни Мубарак“.
– Почина во судница
Морси (67), кој беше симнат од функцијата преку воен пуч во Египет, вчера почина во судница додека му се судеше под обвинение за „шпионажа“.
Мухамед Морси е првиот претседател на Египет избран на демократски начин во 2012 година по Народната револуција во 2011 година во чии рамки поранешниот египетски претседател, Хосни Мубарак, беше принуден да поднесе оставка.
Морси беше отстранет од претседателската функција на 3 јули 2013 година преку воениот пуч извршен од страна на тогашниот министер за одбрана на Египет, и началник на Генералштабот на египетската војска, Абдулфетах ел Сиси.










