(Дубаи – Портал) – Стејт департментот воведе нови правила за издавање на визи. Подносителите на барања за американска виза, мора да ги предадат и нивните кориснички имиња на социјалните мрежи, старите е-мејл адреси и телефонските броеви.
Новите правила важат за речиси сите апликанти за добивање имигрантска и немигрантска виза, објави Танјуг.
“Националната безбедност е наш приоритет при одлучувањето за визите, а секој потенцијален патник и имигрант во САД ќе биде во процес на детална безбедносна проверка”, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Во соопштението исто така стои дека, постојано работаат на изнаоѓање на механизми за подобрување на процесот на верификација со цел да се заштитат американските граѓани.
Претходно, корисничките профили на социјалните мрежи, старите е-мејл адреси и телефонските броеви беа потребни единствено од подносителелот, односно барателот за виза, за кои беше утврдено дека треба да подлежат на дополнителни прегледи, како што се луѓето кои патувале во области под контрола на терористички организации.
Според АП, се проценува дека на годишно ниво имало околу 65.000 апликанти, кои спаѓале во таа категорија.
Се очекува дека промената, предложена во март 2018 година, ќе влијае на околу 15 милиони странци кои аплицираат за виза за влез во САД, секоја година.
Новите правила за аплицирање за виза вклучуваат листа на платформи за социјално вмрежување и барања од апликантите за да ги обезбедат сите сметки на социјалните мрежи, што ги имале во текот на изминатите пет години.
Покрај историјата на социјалните медиуми, апликантите мора да обезбедат телефонски броеви кои ги користеле во текот на изминатите пет години и е-мејл адресите, и исто така должни се да обезбедат статус на патување во странство и депортација, како и да наведат дали некој од нивните членови на семејството Учествувал во некои терористички активности.
Од барањата се само ослободени кандидати за одредени видови на дипломатски и службени визи.
Mahir Demişoski









