Претседателот на Србија наведе и дека во акцијата на полицијата на Косово „под изговор на борбата против организиран криминал“, уапсени се 23 лица од српска и бошњачка националност.
(Дубаи – Портал) – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека се уапсени 23 лица од српска и бошњачка националност на територијата на Косовска Митровица, Лепосавиќ и Забин Поток и дека од утрово е на сила полна борбена готовност на војската на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ се обрати во продолжението од седницата на Собранието на Србија посветена на Косово, која започна вчера. Тој рече дека утрово пред 6:00 часот започнала акција на полицијата на Косово „под изговор на борбата против организиран криминал“. Додаде дека досега се уапсени 23 лица од српска и бошњачка националност на територијата на Косовска Митровица, Лепосавиќ и Забин Поток.
Вучиќ рече и дека од утрово се во контакт со претставниците на Европската Унија, кои соопштиле дека се работи за полициска акција против криминал и корупција, и дека и од НАТО истото го повториле.
„Она што ние го презедовме, повеќепати реков – ќе го чуваме мирот и стабилноста речиси по секоја цена, но доволно ни е јасно за какво лицемерие се работи, и утрово наредив полна борбена воена готовност на нашите единици. Нашата војска, доколку дојде до какво било сериозно загрозување на поредокот и загрозување на животите на луѓето, ќе го штити нашиот народ“, изјави Вучиќ.
Според неговите зборови, постојат информации и дека е претепан и приведен еден руски државјанин.
Претходно премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, соопшти дека на целата територија на Косово е во тек полициска операција по налог на Обвинителството, насочена кон поединци кои се вклучени во криумчарење, организиран криминал и други кривични дела.
Харадинај на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека некои од лицата вклучени во тие криминални работи биле царински службеници, полицајци и обични граѓани и дека операцијата успешно се спроведува и во општините на северниот дел на Косово.
„Како премиер на земјата потврдувам дека се работи за спроведување на закон и ништо друго. Ги повикувам Србите на северниот дел да го зачуваат мирот и да го почитуваат законот“, напиша премиерот Харадинај.
Исто така, полицијата на Косово соопшти дека на акцијата која денес се реализира на северот на Косово ѝ претходела едномесечна истрага на Инспекторатот и полицијата на Косово, по налог на Специјалното обвинителство на Косово, што резултирало со основано сомнение дека некои полициски службеници и некои граѓани учествувале во криминални активности, квалификувани како „учество или организација на криминални групи“.
„Оваа полициска операција и понатаму е во тек, а како резултат на отпорот во Северна Митровица, еден полицаец е повреден, но е надвор од животна опасност, додека неколку полицајци и граѓани досега се уапсени и запленети се разни работи, вклучувајќи и оружје“, пишува во соопштението на полицијата на Косово.
Mahir Demişoski









