(Дубаи – Портал) – Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската федерација од понеделник целосно ја укинува забраната за увоз на коскесто овошје. Конкретно, од понеделник од нашата држава во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

“Забраната за увоз на коскесто овошје во Русија, стапи во сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам Monilinia Fructicola во Република Северна Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализираше на крајот на април годинава. Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем. Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија”, се вели во соопштението на министерството.

Mahir Demişoski