„Се омажив на 16 години. Заедно со мојот сопруг отидов во Аргентина. Оттогаш не успеав да дојдам во Турција. Немав пари, децата ми беа мали, сопругот беше болен”, истакна Казес.

ИСТАНБУЛ (АА) – Осумдесет и петгодишната Рашел Казес се омажила и заминала од Турција во Аргентина, по 69 години пристигна во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).

Во соработка на Амбасадата на Турција во Буенос Аирес и авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), Казес и нејзината ќерка Силвија во четвртокот пристигнаа во Истанбул.

Осумдесет и петгодишната Казес е од сефардските Евреи кои од Шпанија мигрирале во османлиските територии. Таа на возраст од 16 години заедно со нејзиниот сопруг заминале за Аргентина. Оттогаш не можела да ја посети Турција, но по сопствена желба не зела ни аргентинско државјанство. Најголемата желба на Казес се исполни и таа со турски пасош пристигна во својата татковина.

На аеродромот во Истанбул, по пасошката контрола, Казес во изјавата за медуимите рече дека е многу среќна и дека се остварил нејзиниот сон.

„Се омажив на 16 години. Заедно со мојот сопруг отидов во Аргентина. Оттогаш не успеав да дојдам во Турција. Немав пари, децата ми беа мали, сопругот беше болен”, истакна Казес при што изрази задоволство од доаѓањето во Турција.

Таа рече дека сѐ уште готви турски јадења и дека нејзините внуци многу ја сакаат турската кујна.

„Во Истанбул ќе останам 6 дена. Потоа ќе одам во Галиполе каде што се омажив со сопругот. Тој почина пред 4 години, со него бевме во брак 65 години. Три години служеше војска во Баликесир. Сакаше да се врати тука. Но не успеа. Потоа ќе одам во Измир. Во Бергама сакам да го видам своето родно место. Потоа пак ќе се вратам во Истанбул и повторно ќе заминам за Буенос Аирес. Многу ми недостига Галиполе“, раскажа Казес.

Меѓу другото, таа рече дека турските власти многу ѝ помогнале и затоа ја изрази својата благодарност до нив.