Средба Заев-Меркел: Реформите се сериозни аргументи за позитивна одлука од ЕУ

0
171

Премиерот Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, непосредно пред почетокот на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, имаше работен состанок со германската канцеларка Ангела Меркел.

Главна тема на дискусија беа придобивките од Договорот од Преспа за стабилноста, соработката и мирот во регионот, соопштија од владината прес служба.

-Заеднички беше констатирано дека Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и дека тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан.

Премиерот Заев и канцеларката Меркел ја истакнаа важноста на економските придобивки кои ги носи билатералната соработка меѓу Северна Македонија и Грција и потенцираа дека ваквите соработки треба да се интензивираат низ целиот регион.

Премиерот Заев на средбата нагласи дека соработката, пријателството и реформите кои ги спроведува земјата се сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите во текот на летото, се вели во соопштението.

Извор:НоваТВ