Освен услугите потстрижување и бричење, во малиот берберски дуќан кај стариот Дагим муштериите доаѓаат за да чујат интересни приказни, особено за настаните од 1948 година, кои овој старец ги чува од заборав.

Зеки Абу Дагим е 80-годишен Палестинец кој половина век му се посветил на берберскиот занает. Со овој занает почнал да се занимава уште од 1969 година, кога отворил мала работилница во градот Деир ал-Балах, во Појасот Газа кој е под израелска окупација, јавува Anadolu Agency (AA).

Иако веќе е во деветтата деценија на животот, овој Палестинец секој ден во раните утрински часови ја отвора својата работилница и ги дочекува првите муштерии.

Освен услугите потстрижување и бричење, во малиот берберски дуќан кај стариот Дагим муштериите доаѓаат за да чујат интересни приказни, особено за настаните од 1948 година, кои овој старец ги чува од заборав.

По три до четири часа потстрижување на муштериите, Дагим накратко ја затвора берберницата, го зема велосипедот и заминува до муштериите кои поради здравствени проблеми не можат да дојдат до берберницата. Како што вели, тоа се во најголем дел негови пријатели од детството.

Дагим во Појасот Газа е познат како најстар бербер. Во разговор за Anadolu Agency (AA) истакнува дека здравјето го служи многу добро и дека се чувствува како 20-годишник.

Додава дека со оваа работа не се занимава за да заработи пари, туку поради фактот што додека работи, времето го поминува во разговор со пријателите.

„Имам муштерии кои се спречени да дојдат до берберницата, или други, кои единствено сакаат да ги потстрижувам или бричам дома. Тоа се мои пријатели уште од детството. Па така ги посетувам и заедно се присетуваме на старите денови“, раскажува Дагим.

Додава дека во 1969 година отворил берберница во градот, а тогаш, како што вели, бројот на бербери во Појасот Газа бил многу помал. Поради тоа, истакнува тој, има и голем број муштерии од Западен Брег и Израел.

Љубовта кон овој занает ја пренел и на потомците, нагласува Дагим. Еден од синовите живее во Истанбул, а другите двајца во Белгија. Сите тројца имаат фризерски салони и го работат истиот занает како и нивниот татко.