Папата Франциско: САД и ЕУ продаваат оружје за убивање во Сирија, Јемен и Авганистан

by Administrator

(Дубаи – Портал) – Папата Франциско ги обвини Европа и САД за умирањето на децата во Сирија, Јемен и Авганистан, велејќи дека богатите западни земји ги разгоруваат конфликтите со тоа што продаваат оружје во воените зони.

Говорејќи пред студентите и наставниците во институтот „Сан Карло“ во Милано, папата рече дека причината за толку многу војни во светот е тоа што „богатите Европа и Америка продаваат оружје, кое се користи за убивање деца и за убивање луѓе“, пренесе Асошиејтед прес.

Без тоа оружје, рече Франциско, земјите како Сирија, Јемен и Авганистан не би биле во војна.

„Земјата што произведува и продава оружје на својата совест ги има смртта на секое дете и уништувањето на секое семејство“, рече тој.

Зборувајќи за потребата земјите да ги примат и да ги интегрираат мигрантите, папата ја поби загриженоста што владите ја наведуваат како причина да не ги примаат барателите на азил.

Странците не се изворот на најголем дел од криминалот во Италија, бидејќи „ние исто така имаме многу криминал“, рече Франциско.

„Мафијата не е измислена од Нигеријците. Мафијата е наша“, рече тој. „Сите ние ја имаме можноста да бидеме криминалци. Мигрантите ни носат богатство бидејќи Европа е направена од мигранти.“

Mahir Demişoski

You may also like