(Дубаи – Портал) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги предупреди Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) поради мешањето во внатрешните работи на Турција, порачувајќи дека САД и ЕУ мора да знаат каде им е местото и да престанат да се мешаат во изборниот процес во неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Конечна одлука за изборите донесува изборната комисија и по таа одлука сè е комплетирано“, рече Ердоган.
Ердоган говореше и за претстојниот состанок со претседателот на Русија, Владимир Путин, најавен за 8 април, кажувајќи дека на тој состанок една од доминантните теми ќе биде и купувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана „С-400“.
Турскиот претседател како погрешна ја оцени изјавата на американските функционери во врска со одлуката на Турција за набавка на рускиот ракетен систем „С-400“.
„Процедурите околу набавката на „С-400“ се завршени. Од Америка настојувавме да го набавиме системот „Патриот“. Меѓутоа, не добивме услови какви што добивме за „С-400“. Испораката на овој систем ќе почне во јули“, појасни Ердоган во изјавата пред новинарите во Истанбул.
Mahir Demişoski










