Закани со бомбашки напад упатени до првата муслиманка во американскиот Конгрес

0
115

Повикот е упатен од скриен број, а надлежните служби го истражуваат случајот кој неодамна се случи во хотел во Лос Анџелес.

(Дубаи – Портал) – Илхан Омар, првата муслиманка со марама избрана во американскиот Конгрес, беше цел на закана со бомбашки напад во хотел во Лос Анџелес, пренесува Anadolu Agency (AA).

Повикувајќи се на судските записи, американската медиумска куќа „The Blast“ пишува дека неидентификувана жена на 19 март се јавила во хотелот „Вудленд“ и се заканила со бомбашки напад доколку се одржи конференцијата за правата на муслиманите на која на 23 март една од говорничките беше и конгресменката Омар.

„Вашиот хотел ќе го бомбардираме ако дозволите во него да влезе Илхан Омар која е закана за вас и за американското општество. Не дозволувајте ѝ да влезе и откажете го тој собир поради својата безбедност“, гласеше заканувачката порака што ја примила рецепцијата на хотелот.

Повикот е упатен од скриен број, а надлежните служби го истражуваат случајот.

Информацијата за закана од бомбашки напад ја потврди и Советот за американско-исламска соработка (CAIR) кој беше организатор на конференцијата во хотелот во Лос Анџелес.

Претставникот на CAIR, Хусам Ајлауш, најостро ги осуди заканите и предупреди на драконските последици од реториката на омраза која бележи опасен тренд на прифаќање во општеството.

„Последниот пример е белиот расист кој ја фалеше политиката на Доналд Трамп и во Нов Зеланд уби 50 луѓе. Помалку од две недели претходно во Ескондид кај Сан Диего некој се обиде да запали џамија и остави порака во која е споменат и Нов Зеланд“, рече Ајлауш.

Mahir Demişoski