Нападот со хемиско оружје на Кан Шејхун е извршен во раните утрински часови на 4 април 2017 година. Загинаа над 100, а повредени беа над 500 цивили.
(Дубаи – Портал) –
Семејствата на убиените, пријателите и роднините ја одбележаа годишнината од нападот со хемиско оружје на Кан Шејхун, во близина на сирискиот град Идлиб, кој се случи на денешен ден пред две години, јавува Anadolu Agency (AA).
Цивилите кои денес живеат во Кан Шејхун се присетија на жртвите од нападот кој се случи пред две години, а во кој загинаа повеќе од 100 лица. Носеа и транспаренти на кои беа напишани пораки на арапски и англиски јазик: „Саринот нѐ убива, а цивилната заштита ги спасува нашите животи“, „Поминаа две години од нападот со хемиско оружје, а нашите деца и денес се изложени на напади“.
Абдулхамид Јусуф, еден од присутните, за АА изјави дека во нападот животот го загубиле над 20 члена на неговото семејство.
„Ја изгубив сопругата и близнаците, браќа и внуци. Не можам да го заборавам тој болен спомен на тој масакр. Тажно е што и денес одговорните за нападот се наоѓаат на слобода“, изјави Јусуф.
Нападот со хемиско оружје на Кан Шејхун е извршен во раните утрински часови на 4 април 2017 година. Загинаа над 100, а повредени се над 500 цивили.
Иако Кан Шејхун е во состав на зоната без судири за цивили, силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад и понатаму вршат напади на ова подрачје.
Во Кан Шејхун живееја десетици илјади цивили, а голем број од нив ги напуштија своите домови поради опасноста од труење и нападите кои станаа секојдневие.
Mahir Demişoski









