Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) додели донација во областа на земјоделството во селата при општините Прилеп и Могила, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на „Проектот за развој на одгледувањето на зеленчук во пластеници“ реализиран под мотото „Продуктивни жени“, ТИКА додели опрема за стаклена градина и семе од зеленчуци со голема плодност.
Координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајден, во изјава за медиумите истакна дека 100 земјоделски семејства добиле средства од оваа поддршка за земјоделството.
Ајден информираше дека овој проект под мотото „Продуктивни жени“ го започнале со цел давање придонес во економијата на семејствата.
Тој нагласи дека во овие рамки македонските, бошњачките и турските семејства во овие села добиле опрема за пластеници од 125 метри квадратни по семејство.
Ајден рече дека нивната приоритетна цел е подобрување на економската состојба на семејствата на жените што живеат во овие две села.
„Производите како домат и пиперка со висок квалитет на семе што ќе се произведуваат во овие пластеници, се предвидува да се продаваат во продавниците на „Рамстор“, кој е наша комерцијална компанија која дејствува во Северна Македонија“, додаде тој.
Ајден изрази надеж дека и со овој проект ќе постигнат успех како и во претходните проекти, и истакна дека во изминатите години се доделени семиња од домат и пиперка со висок квалитет за 560 семејства во 72 села.
Според него, со денешната церемонија бројката на овие семејства достигнала 700 семејства.
„Нашата цел како ТИКА е да се овозможи придонес за економскиот развој, особено во руралните подрачја, да се зголемат семејните приходи и на овој начин да се спречи феноменот на мигрирање во последните години од Северна Македонија, за овие селани да го продолжат својот живот во овие места со зголемување на семејните приходи и да се зголеми нивото на благосостојбата“, додаде Ајден.
Тој нагласи дека во рамки на овој проект, доделиле 100 сета производи и опрема за пластеници.
– Селаните упатија благодарност до ТИКА
Фикрије Салиевска од село Будаково истакна дека одгледуваат тутун, лубеници, домати, пиперки и кромид. Таа изрази задоволство од оваа помош на ТИКА.
Од друга страна, Фатиме Салиевска упати благодарност до ТИКА и посака оваа помош да продолжи.
Шефика Сулејмановска од село Канатларци ја опиша како добра помошта на ТИКА од аспект на подобрување на нивните работни услови, и рече дека одгледуваат различни зеленчуци.
„Ѝ благодариме многу на турската заедница за помошта. Никој не ни покажал ваква хуманост да помогне на народот за да има услови за работа“, рече таа.
Јасмина Настовска, мајка на три деца, исто така упати благодарност до ТИКА поради дадената помош.
„Благодарна сум на ТИКА што ни дава можност да можеме да се разработиме, да направиме фолија. Сепак е ова малку поголема инвестиција што ние не можеме да си ја дозволиме. Се надевам дека ќе има повеќе вакви инвестиции. И се надеваме дека ќе биде добро, ќе имаме добар плод“, додаде Настовска.
Гонџа Текешановска истакна дека ваквите настани се многу убави. „Сè е добро со помошта на Турција било во областа на одгледување зеленчуци, било во областа на сточарството“, рече таа, истакнувајќи дека ТИКА врши добри работи.











