Британскиот парламент денес со 344 гласа „против” и 286 „за“, по трет пат го отфрли договорот за повлекување од ЕУ, утврдувајќи го новиот датум за Брегзит на само две недели од сега, без договор, јавува Anadolu Agency (AA). Владата поднесе предлог за усвојување на договорот за повлекување без политичка декларација – визионерски документ за идниот однос помеѓу Велика Британија и ЕУ – во последен обид за ставање крај на безизлезната ситуација на Брегзит. Сепак, опозициските партии, како и де факто партнерот на Владата, Демократската унионистичка партија на Северна Ирска (ДУП), гласаа против договорот. Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 12 април без договор. ЕУ претходно го помести датумот за Брегзит од 29 март за 12 април или 22 мај , откако се согласи на продолжување на рокот. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, на социјалната мрежа Твитер кратко по гласањето напиша дека свикал самит на лидерите на ЕУ за 10 април, два дена пред новиот датум за излез.









