„Речиси 1,7 милион лица се погодени од циклонот Идаи, речиси половина од нив се деца“, соопшти Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ)
(Дубаи – Портал) – Над 700 лица загинаа низ три земји во Јужна Африка, една недела откако циклонот Идаи предизвика свлечиште во Мозамбик, предизвикувајќи голема хуманитарна криза во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за земјиште и животна средина на Мозамбик, Келсо Кореиа, за новинарите изјави дека најмалку 417 тела се пронајдени само во неговата земја, а дека неколку лица сѐ уште се водат за исчезнати.
„Ситуацијата е сѐ уште критична“, јавуваат локалните медиуми, цитирајќи го министерот.
Организацијата за миграции при Обединетите нации (IOM) соопшти дека најмалку 259 лица загинале само во Зимбабве девет дена откако циклонот ја погоди оваа зејмја.
„Околу 217 се водат за исчезнати. Властите потврдија дека 16.000 домаќинства се раселени“, се вели во соопштението на Агенцијата.
„Најмалку 56 лица загинаа во Малави“, велат официјалните претставници.
Циклонот Идаи минатиот четврток предизвика свлечиште во пристанишниот град на Мозамбик, Беира, со ветрови до 177 километри на час, предизвикувајќи хаос во Мозамбик, Зимбабве и соседна Малави.
Илјадници лица се сѐ уште заробени во поплавените села во Мозамбик, при што хуманитарните агенции работат деноноќно за да ги спасат.
„Речиси 1,7 милион лица се погодени од циклонот Идаи, речиси половина од нив се деца“, соопшти Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ).
Од УНИЦЕФ велат дека ситуацијата во Мозамбик останува критична бидејќи нема електрична енергија, ниту вода.
„На стотици илјади деца им е потребна итна помош. Приоритет сега е да им се даде засолниште, храна, вода, едукација и заштита“, се вели од УНИЦЕФ.
Според хуманитарните организации, околу 100.000 луѓе во Мозамбик се сместени во привремени засолништа.
Снимките направени од воздух и видеоснимките на Anadolu Agency од делови од Мозамбик покажуваат целосно поплавени домови и села.
Видеоснимките на локалните телевизиски станици во Јужна Африка покажуваат дека жителите на областите погодени од катастрофата во Зимбабве копаат во урнатините со цел да ги пронајдат телата на нивните најблиски.
Властите во Малави велат дека најмалку 56 загинати и 577 повредени се регистрирани како резултат на обилните дождови во јужноафриканската држава.
Според извештаите на ОН и локалните медиуми во Мозамбик, Малави и Зимбабве, десетици илјади жртви ги загубија своите домови, жетвите се уништени, а патиштата оштетени.
Здравствените организации стравуваат дека поплавите и телата кои се во распаѓање може да предизвикаат појава на колера.
Mahir Demişoski










