Чавушоглу го повика светот на борба против расизмот и тероризмот

0
126

„Овој терористички напад откри дека непријателството кон исламот е глобален проблем“, рече турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу.

(Дубаи – Портал) – Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, денес го повика светот на сеопфатна борба против непријателствата на исламот, нетолеранцијата, расизмот и тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).

Зборувајќи денес во Истанбул на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (OIC), по повод терористичкиот напад на Нов Зеланд, Чавушоглу упати сочувство до семејствата на жртвите од терористичкиот напад во Нов Зеланд, но притоа и до сите граѓани на таа земја.

„Овој терористички напад откри дека непријателството кон исламот претставува глобален проблем“, порача шефот на турската дипломатија.

Тој посочи дека состанокот првенствено има за цел давање заедничка порака против нападите што го потресуваат исламскиот, но и целиот свет, и преземање мерки таквите ситуации да не се повторуваат.

„На состанокот присуствуваа претставници на 71 земја и на организации. На денешниот состанок покажавме, како што тоа го направивме и по прашањето за Палестина и Ерусалим, дека се солидаризираме со сите муслимани, првенствено со оние од Нов Зеланд. Денес упативме историска порака против антиисламизмот, расизмот и ксенофобијата“, рече Чавушоглу.

Тој го изрази своето задоволство што на денешниот состанок присуствуваше и колегата од Нов Зеланд.

Шефот на турската дипломатија е задоволен од ставот на народот и Владата на Нов Зеланд кон терористичкиот напад што се случи на 15 март за време на петочната молитва.

„Се надеваме дека таквиот став ќе биде пример за сите земји во светот, а особено за политичарите во земјите во кои расизмот е во подем. Ќе бидеме покрај Нов Зеланд во нивната борба против тероризмот, екстремизмот и антиисламизмот“, рече Чавушоглу.

Меѓутоа, шефот на турската дипломатија смета дека покрај осудата во Европа и други делови од светот, постојат низа кругови кои речиси ги фалат тие терористички напади и идеологијата која стои зад нив. Според Чавушоглу, тука се вклучени политичари и медиуми.

Mahir Demişoski