(Дубаи – Портал) – Мајката на Наим Рашид, кој загина во обидот да го запре терористот Брентон Тарант во терористичкиот напад во Нов Зеланд, која живее во Пакистан, од властите на Пакистан и Нов Зеланд очекува да добие виза, со желба да присуства на погребот на синот и внукот, јавува Anadolu Agency (AA).

Започнаа да се раскажуваат животните приказни за деветтемина Пакистанци во Нов Зеланд, кои загинаа во терористичкиот напад што се случи во градот Крајстчрч.

Според вестите објавени во медиумите, Рашид и неговиот поголем син, Тахла Рашид, кои беа убиени во обидот да го спречат напаѓачот Тарант, од 2009 година наваму живеат на Нов Зеланд. Рашид, кој во земјата влегол како банкар, по одбраната на својата докторска дисертација започнал да работи како наставник, додека неговиот син пред неколку месеци дипломирал на Факултетот за инженерство.

Неговата сопруга и трите сина, кои заедно со блиските роднини живеат во пакистанскиот град Аботабад, зборувајќи за Рашид кој живеел во Крајстчрч рекоа дека Рашид создавал идеи за решавање на проблемите на Пакистан, додавајќи дека тој ѝ е братучед на поранешната политичарка Амна Сардар.

Неговите роднини рекоа дека Рашид планирал да дојде во Пакистан, сакајќи да го ожени својот син Тахла, кој се вработил пред извесно време.

Баидар Апа, мајката на Рашид, побара поддршка со желба да добие виза од пакистанските и новозеландските власти, за да може да присуствува на погребот во Крајстчрч и за последен пат да ги види синот и внукот.

Премиерот на Пакистан, Имран Кан, изјави дека на Рашид, кој се обидел да го запре напаѓачот, посмртно ќе му врачи Орден на национална чест.

– Ќе го земеше семејството крај себе –

Друг Пакистанец, кој е жртва на нападот во Нов Зеланд, е 34-годишниот Џихандад Али, кој планирал по 5 години раздвоен живот, покрај себе да ги земе сопругата и трите деца.

Колегите на Али изјавија дека тој на 23 март заминал за Пакистан и планирал на Нов Зеланд да го однесе своето семејство. Тие рекоа дека пред да замине на петочната молитва, Али телефонски разговарал со својата сопруга во Лахор. Али почина утредента во болница од здобиените повреди.

Д-р Харун Махмуд, по завршувањето на два универзитета во Пакистан, ја започнал својата академска кариера во Нов Зеланд. По работата на Универзитетот „Линколн“, Махмуд во 2017 година преоѓа на Универзитетот „Кентербери“, каде што ја извршувал функцијата директор.

Махмуд има две деца на возраст од 11 и 13 години.

– Мајка, татко и син починаа во иста џамија –

Во терористичкиот напад во Нов Зеланд загина цело семејство кое дошло на петочната молитва во џамијата „Ал Нур“.

Два дена по нападот, во кој животот го загубија Гулам Хусеин и неговата сопруга Карам Биби, дојде веста за смртта на нивниот син Зишан Риза, кој се водеше за исчезнат.

Од друга страна, Министерството за надворешни работи на Пакистан соопшти дека во терористичкиот напад животот го загубиле 9 Пакистанци.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Пакистан, Мухамед Фајсал, во својата објава на социјалните мрежи напиша дека починале уште тројца Пакистанци, со што бројот на загинати се искачил на 9.

Во објавата се соопштени и имињата на деветтемина починати Пакистанци.

Mahir Demişoski