Боинг 737 Макс на Етиопијан ерлајнс со 157 патници се урна на пат кон Кенија

0
195

Неколку месеци по смртоносниот пад во Индонезија, истиот модел Боинг 737 Макс 8 се урна на пат кон Најроби, Кенија, при што загинаа сите 149 патници и осум членови на екипажот.

Боинг 737 Макс 8 на Етиопијан ерлајнс беше на рутински лет од Адис Абеба, Етиопија до главниот град на Кенија. Авиокомпанијата потврди дека нема преживеани.

Канцеларијата на етиопскиот премиер прва коментираше за несреќата преку Твитер соопштувајќи дека владата „би сакала да ги изрази своите најдлабоки сочувства до семејствата на оние кои ова утро ги изгубија своите најблиски при редовниот лет на Боинг 737 на Етиопијан ерлајнс до Најроби, Кенија.“

Авионот наводно бил сосема нов и бил предаден на авиокомпанијата само пред четири месеци.

Овој модел на авион се соочува со проблеми. Во октомври, Боинг 737 Макс 8 на Лајон Ер се урна неколку минути по полетувањето од Џакарта, Индонезија, при што загинаа сите 189 патници и екипажот.

По несреќата, Федералната администрација за воздухопловство (ФАА) објави дека ќе ги прегледа претходните анализи за безбедноста на авионот Боинг.