Состанокот на Советот за партнерство помеѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција ќе биде одржан на 15 март во Брисел, и тоа по пауза од четири години, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за состанок кој е од големо значење за продолжување на институционалниот дијалог на Турција со ЕУ, а според информациите од дипломатските извори, ќе биде одржан на 15 март во Брисел.
Турската делегација на состанокот ќе ја предводи министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, додека ЕУ ќе ја претставува високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
На состанокот ќе присуствува и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.
Се очекува дека на состанокот ќе стане збор за регионални теми и за билатералните односи, како и за либерализација на визниот режим, ажурирањето на Царинската унија, резултатите во процесот на придружување и борбата против тероризмот.
Последниот и 53. состанок на Советот за партнерство помеѓу ЕУ и Турција одржан е на 18 мај 2015 година во Брисел.










