Портпаролот на иранското МНР, Бехрам Касими, истакна дека Министерството за надворешни работи на неговата земја на ниту еден начин не било информирано за посетата на лидерот на сирискиот режим, Башар ал Асад, на Техеран, пренесува Anadolu Agency (AA).
Касими на интернет-страницата на ова министерство објави соопштение во врска со посетата на Асад, во кое упати критики дека иранското Министерство за надворешни работи не било информирано за оваа посета.
Тој нагласи дека министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, како и некои дипломати, требало да бидат информирани за оваа посета. „Министерството за надворешни работи не е информирано за ниту една од фазите на оваа посета. Министерството не беше информирано до крајот на оваа посета“, додаде Касими.
Касими во врска со тврдењата дека оставката на Зариф е поврзана со ова прашање, рече: „Една од причините за оставката на Зариф е ваквите ситуации на некоординирање со Министерството за надворешни работи. Но како што беше соопштено и претходно, оставката на почитуваниот министер не се должи на лични причини.“
Инаку, министерот за надворешни работи на Иран, Зариф, на 25 февруари преку социјалните мрежи соопшти дека дава оставка од својата функција, додека учествуваше на официјалната церемонија за пречек на премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан, кој на 27 февруари го посети Иран.
Се вели дека Зариф поднел оставка со образложение дека не бил информиран за средбата на лидерот на сирискиот режим, Башар ал Асад, со иранскиот врховен водач Али Хамнеј, како и со претседателот на Иран, Хасан Рохани, на 25 февруари.










