Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази задоволство за тоа што Турција и Соединетите Американски Држави (САД) се во контакт во врска со формирање на мултинационална набљудувачка сила во североисточниот дел на Сирија, која ќе ја сочинуваат земјите членки на Алијансата, и го поздрави нивниот напор за изнаоѓање мировно решение во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во седиштето на НАТО во Брисел, Столтенберг одржа тркалезна маса со група новинарки по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
Запрашан од страна на новинарката на АА за тоа кој е пристапот на НАТО кон формирање мултинационална набљудувачка сила која ќе се состои од земјите членки на Алијансата, во североисточиот дел на Сирија, по повлекувањето на САД од оваа земја, Столтенберг одговори дека НАТО е дел од Коалицијата за борба против ДЕАШ, и дека дава придонес во оваа борба со мисијата за обука во Ирак и со своите авиони за рано предупредување и набљудување (AWACS).
– „Задоволни сме од напорите за изнаоѓање мировно решение“ –
Столтенберг подвлече дека НАТО нема присуство на терен во Сирија и дека треба да се внимава кога се коментира во врска со решенијата во североисточниот дел на оваа земја.
„Некои сојузници, како Турција и САД, надвор од рамките на НАТО продолжуваат со нивното присуство на терен во Сирија. Го поздравуваме напорот на овие членки кои се во контакт, за наоѓање мировно решение за ова прашање“, додаде Столтенберг.
Тоа што сојузниците ги зголемиле своите трошоци за одбрана во рамки на НАТО, Столтенберг го опиша како позитивен настан. „Нашите сојузници треба да резберат дека живееме во уште понестабилен и непредвидлив свет“, рече тој.
– „Интервенциите на НАТО се во наш интерес“ –
Столтенберг се осврна и на интервенциите на НАТО врз различни земји како што е просторот на поранешна Југославија, Либија и Авганистан, и рече дека ваквите иницијативи за управување на кризите се потребни за спроведувањето на мирот во споменатите земји, и за заштита на земјите членки на НАТО.
„Сѐ додека нашите соседи се стабилни, и ние ќе бидеме побезбедни. Спроведувањето на мирот на Балканот, водење борба против тероризмот во Авганистан и спречување Ирак и Сирија да бидат безбедна зона за терористите е потребно за нашите интереси“, додаде тој.
Според него, не е лесно да се донесе одлука за интервенирање врз кризи и конфликти, и додаде дека меѓународната заедница не интервенирала врз геноцидите во Сребреница и Руанда.
„Голем број лица можат да ја критикуваат меѓународната заедница за тоа што многу доцна и недоволно интервенираше во Сирија, додека подоцна, меѓународната коалиција под водство на САД, интервенираше и нанесе голема штета на ДЕАШ. Не тврдам дека сите проблеми во оваа земја се решени, но можно е да се каже дека е во подобра состојба“, истакна Столтенберг.
– „Не можеме да ја негираме вредноста на мирот“ –
Тој нагласи дека не е можно да се гарантира мирот без да се инвестира во одбраната.
Столтенберг истакна дека историјата на Европа е полна со војни, но дека со придонесот на НАТО во Европа веќе 70 години владее мирот.
„Сепак, не можеме да ја негираме вредноста на мирот. Денес концептот на војната е во понејасна состојба. Постојат кибер, хибридни и терористички напади. Овие [напади] ги опишуваме како војна, но не можеме да негираме дека постои една сериозна агресија“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.











