Извозот на Турција порасна за 3,7 отсто

0
175

„Извозот во февруари е зголемен за 3,7 отсто и изнесува 14 милијарди и 312 милиони долари, а увозот забележа пад од 18,7 отсто и изнесува 16 милијарди и 161 милион долари“, соопшти турската министерка за трговија, Рухсар Пекџан

Министерката за трговија на Република Турција, Рухсар Пекџан, соопшти дека според податоците на Општиот систем за тргување, во Турција е забележан раст на извозот од 3,7 отсто, при што остварен е вкупен извоз од 14 милијарди и 312 милиони долари, додавајќи дека тоа е највисокиот извоз во историјата на Турција остварен во месец февруари.

Министерката Пекџан на состанокот на кој учествуваа Исмаил Ѓуле, претседател на Собранието на извозници (TİM), и претставнички на Женскиот парламент на Собранието на извозници (TİM), ги соопшти бројките за извозот на Турција во месец февруари.

Пекџан своето обраќање го започна упатувајќи им честитки на присутните дами по повод 8 Март, Денот на жените, додавајќи дека со цел да се покаже вниманието кое им го посветуваат на жените и младите претприемачи, во рамките на Министерството за трговија е формирана „Канцеларија за извоз на жените и младите претприемачи“.

Изјавувајќи дека од жените и младите очекува да заземат поголема активност на глобалниот пазар, Пекџан рече: „Сега е вистинско време жените да се насочат кон извозот. Јас сум убедена дека тие ќе постигнат многу голем успех на тоа поле“.

Посочувајќи дека во периодите кога се развива надворешната трговија се зголемува и глобалната интеграција и обратно, дека во периодите кога таа се намалува, глобалната интеграција се намалува, министерката Пекџан истакна дека денес, за намалувањето на глобалната интеграција, сè почесто се користи терминот „slowbalization“.

Министерката Пекџан рече дека во почетокот на 1990-тите години, кога започна зајакнувањето на глобализацијата, глобалната трговија како дел од глобалната економија заземаше 39 отсто, во 2008 година изнесуваше 61 отсто, додека минатата година падна на 58 отсто.

Во ова глобално намалување, според Пекџан, многу значајна улога имаа зајакнувањето на протекционизмот, падот на европската економија и неизвесноста од Брегзитот. Таа потсети дека според извештајот на ММФ за јануари, растот на глобалната економија се очекува да изнесува 3,5 отсто.

Пекџан рече дека во опаѓање се и индексите на транспортот на контејнери со стока, кои го одржуваат пулсот на глобалната трговија, додавајќи дека почнувајќи од минатата година наваму, се очекува пад од 20 отсто во директните инвестиции на годишно ниво.

– „Најголем извоз во февруари во историјата на Турција“ –

Министерката Пекџан, објавувајќи ги вредностите на извозот на Турција за месец февруари, ги даде следните информации:

„Иако светската економија стапна на кочница, според податоците што ќе бидат објавени во втората недела од овој месец, очекуваме да го заземеме врвот според нашата надворешна трговија во однос на националниот приход. Светската трговија ја намалува брзината, а тоа се отсликува и врз бројките. Би сакала да го потенцирам фактот дека и покрај овој тежок период, Турција го зголемува извозот. Според податоците на Општиот трговски систем во кој се прикажани тргувањата во нашите слободни зони и магацини, а кој исто така е префериран и од големите светски економии, извозот на Турција во февруари забележа раст од 3,7 отсто и изнесува 14 милијарди и 312 милиони долари, додека според Приватниот трговски систем, растот изнесува 3,5 отсто и достигна 13 милијарди и 603 милиони долари. И покрај сите проблеми во глобалната трговија, Турција го има најголемиот извоз за месец февруари во својата историја. Увозот во Турција е намален за 18,7 отсто и изнесува 16 милијарди и 161 милион долари“.

Министерката Пекџан заклучи дека според овие податоци, во првите два месеци од годинава, извозот е зголемен за 5 отсто, додека увозот е намален за 23,1 отсто.

Како еден од најзначајните показатели за оваа година, Пекџан ги посочи процентот на споредба меѓу бројките на извозот и увозот во Турција.

„Во февруари 2018 година нашиот извоз во однос на увозот изнесуваше 69,4 отсто, а за оваа година предвидуваме таа бројка да се искачи на 88,6 отсто. Во првите месеци од 2018 година, процентот на соодносот меѓу извозот и увозот изнесува 63,9 отсто, додека годинава во првите два месеци, тој процент се искачи на 87,3 отсто. Очекуваме растот на извозот во однос на увозот да продолжи и во престојните месеци“, процени министерката за трговија на Турција, Рухсар Пекџан. Anadolu Agency (AA).