„Во изминатите две години против САД и Израел со големо мнозинство се усвојувани одлуки на исламските самити и Генералното собрание на ОН, при што можевме да го видиме сиот кукавичлук и страв на некои муслимански земји“
Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека се гледа оти одредени муслимански земји почнале да треперат од страв од Соединетите Американски Држави (САД) и Израел.
„Некои од овие земји, дури и на Палестинците им велат да не го креваат својот глас. Зборувам за муслимански земји, а не за Америка. Зарем таквите да се грижат за Ерусалим? Во изминатите две години против САД и Израел со големо мнозинство се усвојувани одлуки на исламските самити и Генералното собрание на Обединетите нации, при што можевме да го видиме сиот кукавичлук и страв на некои муслимански земји“, рече Чавушоглу.
Во Турција на 31 март ќе се одржат локални избори, а во рамките на предизборните активности, министерот Чавушоглу имаше средба со претставниците на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti) во Хатај.
Истакнувајќи дека Турција минува низ тешки предизвици и дека многу центри на моќ сакаат да ја срушат турската власт, Чавушоглу рече дека на Турција моментно ѝ е потребно единството.
„На Турција ѝ се поставени бројни пречки на патот кон подемот, а сите тие препреки ги надминавме и одлучно одиме напред“, порача Чавушоглу.
Тој најави продолжување на одлучната борба против тероризмот во Турција, но и во соседните Сирија и Ирак.
Чавушоглу додаде дека Република Турција и понатаму ќе го брани правото на Палестинците и на Ерусалим, и како независна држава ќе донесува свои одлуки и ќе го носи чесното турско знаме во сите делови на светот. Anadolu Agency (AA)









