Турција со апел до Индија и Пакистан за здрав разум и смирување на тензиите

0
167

Турскиот шеф на дипломатијата, Мевлут Чавушоглу, во Министерството за надворешни работи даде изјава за медиумите, во врска со зголемените тензии меѓу Индија и Пакистан

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Турција е загрижена поради зголемените тензии меѓу Индија и Пакистан и упати апел до страните за здрав разум и смирување.

Чавушоглу во Министерството за надворешни работи даде изјава за медиумите, во врска со зголемените тензии меѓу Индија и Пакистан.

Тој рече дека по зголемувањето на тензиите во Кашмир, зголемени се и тензиите меѓу Пакистан и Индија, и дека неговиот пакистански колега, Шах Мехмуд Куреши, му ги пренесол настаните во врска со ова прашање.

Чавушоглу потсети дека вчера во саудискиот град Џеда се одржа состанок на Контакт-групата за Кашмир, при Организацијата за исламска соработка.

„Ние сме загрижени од овие тензии, и упатуваме апел до страните за здрав разум и смирување. Треба да се избегнат чекорите што ќе го предизвикаат зголемувањето (на тензиите)“, рече тој во врска со новонастанатата ситуација меѓу двете земји.

Чавушоглу нагласи дека причина за овие тензии е проблемот со Кашмир, и дека прашањето за Кашмир е спор чие решение е замрзнато, и според него, често е извор на тензии меѓу двете земји.

„Проблемот со Кашмир веднаш треба да се реши во рамки на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации (ОН), со цел да се отстрани проблемот кој постојано предизвикува тензии меѓу двете земји. Ова е важно и за народот на Кашмир“, истакна Чавушоглу.

„Ние како Турција секогаш изразуваме желба за давање придонес кон намалувањето на тензиите и решавање на овие проблеми, вклучувајќи го и Кашмир“, нагласи тој, додавајќи дека се подготвени да направат сè за решавање на овој проблем.

Меѓу другото, Чавушоглу истакна дека тензиите влијаат и врз мировниот процес во Авганистан.

„Ако на едно место постојат тензии, тоа не може да остане само меѓу двете земји, или да се ограничи само со Кашмир. Тоа се одразува и во регионот, се одразува кај сите нас. Моментално целиот свет е фокусиран тука“, рече тој.

Чавушоглу нагласи дека ја поздравуваат конструктивната улога која Пакистан ја играше во последно време во решавањето на проблемот со тероризмот во Авганистан.

„Пакистан е земја која страдаше многу од терористичките закани и напади. Моментално со Авганистан сме копретседавачи на процесот во Истанбул, со цел забрзување на процесот во Авганистан. Ако даде Господ, овој состанок ќе го одржиме по изборите, во период кој ќе биде соодветен за нашиот почитуван претседател (Реџеп Таип Ердоган). Во врска со ова прашање постигнавме усогласување за време на последната посета на пакистанскиот премиер, Имран Кан, на Турција. Нашиот претседател, за ова прашање разговараше и со претседателот на Авганистан, Ешреф Гани. Двете страни се за одржување на овој самит“, додаде тој.

Шефот на турската дипломатија рече дека Авганистан моментално се соочува со бројни предизвици. „Авганистан не треба да биде погоден од тензиите меѓу двете земји. Ние како Турција сме чувствителни околу ова прашање“, нагласи Чавушоглу.

Тој истакна дека досега немале контакти со Индија, и додаде: „Ние сме отворени за дијалог, и се разбира дека сакаме и со Индија да разговараме околу тоа“.

Anadolu Agency