Претседателот на Република Турција и претседател на турската владејачка Партија на правдата и развојот (AK Parti), Реџеп Таип Ердоган, рече дека Турција претходните години остварила голем економски напредок и го зголемила извозот за неколкупати.

„Во текот на последните 17 години, економијата во Турција доживеа раст за 3,5 пати. Националниот доход по глава на жител од 3.500 долари го зголемивме на 11.000 долари. Извозот изнесуваше 36 милијарди долари, а сега е 170 милијарди долари. Јавниот долг според националниот доход го намаливме од 60 на 8,4 отсто“, рече Ердоган во обраќањето во Токат, северна Турција.

Тој потсети дека Турција ги подмирила сите долгови кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Знаете ли колкав долг имавме кон ММФ? Околу 23,5 милијарди долари. Во мај 2013 година сиот долг го вративме и оттогаш е на нула. Така што веќе немаме долгови кон ММФ. Со нив немаме работа. Дали знаете дека дојдоа и од нас побараа 5 милијарди евра? Кога колегите ми го кажаа тоа, им реков дајте им. Подоцна тие се откажаа“, рече Ердоган.

Тој истакна дека во последните 10 години во Турција е обезбедена работа за 9 милиони луѓе.

„Освен тоа, кога во 2002 година дојдовме на власт, минималната плата од 184 лири ја зголемивме на 2.020 лири“, рече турскиот претседател во своето обраќање на предизборниот митинг.

Локалните избори во Турција ќе бидат организирани на 31 март 2019 година.

Anadolu Agency