Турскиот Парламент бира нов претседател

0
199

Актуелниот претседател на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, се повлече од таа функција поради кандидатурата за позицијата градоначалник на Истанбул, на локалните избори кои во Турција ќе се одржат на 31 март

АНКАРА (АА) – Големото народно собрание на Република Турција (TBMM) бира нов претседател, јавува Anadolu Agency (AA).

Актуелниот претседател на турскиот Парламент, Бинали Јилдирим, се повлече од таа функција поради кандидатурата за позицијата градоначалник на Истанбул, на локалните избори кои во Турција ќе се одржат на 31 март.

Во согласност со Уставот на Република Турција, пратениците на Парламентот новиот претседател го бираат со тајно гласање. Во првите два круга на гласањето кандидатот за претседател на Парламентот треба да освои двотретинско мнозинство во Парламентот кој брои вкупно 600 пратенички места.

Доколку ниту еден кандидат нема да има доволна поддршка, во третиот круг за избор е доволно над половина мнозинство на гласовите. Доколку ни тогаш не биде избран, челник на Парламентот во четвртиот круг станува кандидатот со најмногу освоени гласови.

Моментално во турскиот Парламент мнозинство со 291 пратеник има владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), а следува опозициската Републиканска народна партија (ЏХП) со 142 пратеници. Народната демократска партија (ХДП) има 65 пратеници во турскиот Парламент, а Партијата за национално движење (МХП) има 49 парламентарци. Партијата ИЈИ има 39 пратеници. Преостанатите девет парламентарци се од редовите на помалите партии или независни пратеници.

Фаворит во трката за претседател на турскиот Парламент е кандидатот на АК Партијата и досегашниот заменик претседател на Парламентот, Мустафа Шентоп. Партијата на национално движење (МХП) веќе се изјасни дека ќе го поддржи кандидатот на владејачката АК Партија.

На испразнетото место на заменик претседателот на Парламентот е именуван Суреја Сади Билгич. Кандидат на опозициската партија ЏХП е Енгин Алтај, пратеник од Истанбул, кој е потпретседател на Клубот на пратениците на ЏХП во турскиот Парламент.

Исто така, опозициската партија ИЈИ за кандидат за челник на Парламентот го номинираше Хусеин Филиз, додека ХДП ја кандидираше пратеничката Серпил Кемалбеј Пекгозегу.