Парламентарниот пратеник на Листата на Марјан Шарец (ЛМШ) поднесе оставка само неколку часа откако на колегите наивно им раскажал како спровел „социјален експеримент“, минувајќи покрај касата во продавница во близина на словенечкиот парламент и дека „набавил“ сендвич.
Сѐ почнало во средата кога пратеникот на владејачката партија Дариј Крајчич, за време на расправа за механизмите за контрола на прехранбените производи, сакајќи да ја разведри атмосферата, кажал дека механизмите на контрола добро дејствуваат ако сите им се придржуваат, но дека на надзорот секогаш нешто му се протнува и тоа го илустрирал со бизарна анегдота.
Тој кажал дека себеси јавно се пријавува бидејќи во локална продавница „отуѓил сендвич“ минувајќи покрај касата.
„Чекав да платам, сигурно неколку минути, но на касата разговараа, а мене никој не ме забележуваше. Затоа излегов без да платам. И никој не потрча по мене иако имаат повеќе камери за видеонадзор“, кажал Крајчич, инаку доктор по шумарство на љубљанскиот универзитет кој претходно го водел државниот завод за заштита на природата.
Иако тој подоцна на новинари им изјавил дека не станувало збор за вистинска туку за виртуелна кражба, односно „социјален експеримент“ бидејќи потоа се вратил и го платил сендвичот и им се извинил на продавачките, Крајчич само неколку часа подоцна соопшти дека дава оставка како пратеник.Оставката е прифатена и во парламентот ќе го замени друг член на партијата која ја води премиерот Марјан Шарец.
„Оставката ја прифативме. Крајчич е добар експерт, човек, колега, пријател и соработник, но во оваа прилика направил недозволив чин“, соопшти ЛМШ.
„Ако во практика сакаме да ги спроведуваме принципите на нашата партија, тогаш за своите постапки мора да прифатиме одговорност, што го направи Крајчич со својата оставка. Тешко ни е поради тоа, но тоа беше негова самостојна одлука“, се додава во соопштението.











