Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека неговата земја направи големи чекори во изминатите три години во борбата против терористичките организации, пред се ИСИС и ПКК, кои сакаат да ја поделат неговата земја, објави агенцијата Анадолу (АА).
Ердоган го посети турското бродоградилиште во истанбулската област Тузла, каде што се одржа церемонија по повод пуштањето во функција на турскиот брод за тестирање и обука Ufuk A-591. Ердоган истакнал дека неговата земја во последните 16 години доживеа процват во бродарската индустрија.

Ердоган накратко се осврнал и на несреќа пред три дена, во која дојде до уривање на зграда во истанбулскиот кварт Картал, во која најмалку 17 лица загинаа, според последните информации. По тој повод, Ердоган испрати порака со сочувство до семејствата на загинатите во несреќа и им се заблагодари на сите служби што продолжуваат да ги бараат преживеани.
Говорејќи за борбата против тероризмот, Ердоган истакнал дека Турција постигнала голем успех во последните три години.
“Во последните три години постигнавме големи успеси во борбата против терористичките организации, првенствено ИСИС и ПКК, чии цели се наши граѓани и кои се обидуваат да ја поделат и уништат нашата земја”, надополнил Ердоган.











