Папата Франциско и големиот имам Ахмед ал-Тајеб денес ја потпишаа Декларацијата за братство во Абу Даби, повикувајќи на мир меѓу народите, религиите и расите.
“Цврсто изјавуваме дека религиите никогаш не смеат да поттикнуваат војна, омраза, непријателство и екстремизам, ниту пак можат да го поттикнат насилството и крвопролевањето”, се вели Декларацијата.
Лидерот на католичкиот свет истакна дека со голема загриженост ја следи ситуацијата во Јемен, дека населението е исцрпено од пролонгирани конфликти и дека многу деца страдаат од глад.
– Насилството, екстремизмот или фанатизмот никогаш не може да се оправдаат во името на религијата – истакнал папата Франциско.
Фото: Ројтерс
Големиот имам Тајеб за време на обраќањето истакна дека милиони муслимани ја платија цената на криминалците по терористичките напади на 11-ти септември.
“Драги мој брате, медиумите сите муслимани ги прикажаа како дивјаци и со тоа ги плашеа луѓето на запад, а се знае дека на сите религии им е забрането убивање”, изјавил Тајеб.
Инаку, ова беше прва посета на папата Франциско на Арапскиот полуостров, каде што повика на завршување на војните на Блискиот Исток.









