Лидерот на опозицијата и самопрогласениот привремен претседател на Венецуела, Хуан Гваидо, ги повика граѓаните на нови масовни протести, кои ги најави за 12 февруари, јавува Anadolu Agency (AA).
Од почетокот на годината Венецуела се наоѓа во длабока политичка криза, која се рефлектира со тоа што опозицијата не го признава избраниот претседател на државата, Николас Мадуро, а од друга страна избраниот претседател Мадуро ја обвинува опозицијата дека со поддршка на САД се обидува да изведе државен удар во земјата.
Низ цела Венецуела паралелно се одржуваат собири на демонстранти кои го поддржуваат Мадуро и на оние кои го поддржуваат Гваидо.
Лидерот на опозицијата, Гваидо, ги повика своите приврзаници на 12 февруари да излезат на улиците и да протестираат, барајќи транспарентни претседателски избори. Токму тој ден, во Венецуела се одбележува празникот Ден на младите.
Гваидо најави дека денеска ќе го соопшти датумот на пристигнувањето на хуманитарна помош од Колумбија, Бразил и Карипските Острови. Тој тврди дека приоритет е да се испорача помош за 250.000 луѓе кои се изложени на ризикот на смрт од глад.
Претседателот на Венецуела, Мадуро, исто така најави дека во периодот од 10 до 15 февруари ќе бидат одржани најмасовни собири за поддршка на неговата влада.
Мадуро најави и голема воена парада во истиот период.
Заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, вчера порача дека е дојдено време да се запре режимот на Мадуро. Тој додаде дека неговата земја е подготвена да ѝ испрати хуманитарна помош на Венецуела.
Протестите во Венецуела започнаа на 10 јануари, кога претседателот Мадуро ја положи заклетвата за својот втор мандат, по изборите кои опозицијата ги бојкотираше.
Тензиите дополнително се зголемија кога на 23 јануари претседателот на венецуелскиот Парламент, Гваидо, се прогласи за привремен претседател на Венецуела.
Освен САД, Гваидо го признаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама, Парагвај…
Боливија и Мексико и понатаму го признаваат Мадуро, а поддршка му даваат и Русија, Кина, Иран и Турција.
Велика Британија, Германија, Франција и Шпанија го повикаа Мадуро да распише вонредни избори, со цел да се намалат тензиите во Венецуела.











