Денес се одбележува Светскиот ден на хиџабот

0
190

АНКАРА (АА) – Денес, 1 февруари, се одбележува Светскиот ден на хиџабот, кој беше инициран во 2013 година за охрабрување на жените од сите религии и потекла денес да носат хиџаб во знак на поддршка на муслиманските жени, јавува Anadolu Agency (AA).

„Во 2017 година Светскиот ден на хиџабот стана непрофитна организација, со мисија – борба против дискриминацијата против муслиманските жени преку подигање на свеста и едуцирање“, соопштено е на официјалната страна на организацијата.

Според издаденото соопштение на 20 јануари, мотото на Светскиот ден на хиџабот (WHD) 2019 е „Кршење на стереотипите. Раскинување на границите“ со хаштагот #СлободниСоХиџаб (#FreeInHijab).

„#СлободниСоХиџаб е многу потребен хаштаг за нашата актуелна глобална ситуација каде што жените во хиџаб се етикетирани од страна на медиумите како угнетени и симболички затворени“, рече претходно за АА Назма Кан, основачот на годишниот настан.

„Преку овој хаштаг, жените се охрабруваат да го искажат својот избор за носење хиџаб; со што се отфрлаат честите заблуди“, рече Кан.

Кан изјави дека нејзиниот мотив за создавањето на овој ден се тешкотиите со кои таа се соочила поради нејзиниот хиџаб, додека растела во Њујорк.

„Бев постојано малтретирана во основното и средното училиште. Дискриминацијата достигна различен врв по 11.09“, изјави таа, осврнувајќи се на нападите во САД на 11 септември 2001 година.

Кан изјави дека постоеле многу пресвртници во изминатите пет години и дека една од нив била признавањето на Светскиот ден на хиџабот од сојузната држава Њујорк во 2017 година.

„Истата година, Долниот дом на Парламентот во Велика Биртанија беше домаќин на настан за одбележување на денот, каде што британската премиерка Тереза Меј беше исто така присутна“, додаде таа.

Во 2018 година, шкотскиот Парламент, исто така, организираше тридневна изложба за одбележување на денот, а Филипините презедоа чекори за прогласување на 1 февруари како национален ден на хиџабот.

Во соопштението издадено од организацијата се вели дека целокупната мисија на ВХД е да создаде помирен свет во којшто глобалните граѓани меѓусебно ќе се почитуваат.

„Особено, ВХД се фокусира на борбата против нетолеранцијата, дискриминацијата и предрасудите против муслиманските жени“.

„Ова е најважно во овие времиња во кои хиџабот е забранет во некои земји, додека во други земји, муслиманските жени се таргетирани и малтретирани вербално и физички“, се вели во соопштението.

Во соопштението се вклучени неколку примери на напади или форми на угнетување и дискриминација што муслиманките кои носат хиџаб ги претрпеле во различни делови на светот.

„Мора да се заложиме за правото на покривање на муслиманките“ , се истакнува во соопштението.

Во соопштението, исто така, се повикани жените денес да ја покажат својата солидарност или со носење хиџаб (шамија) или со објавување селфи со хиџаб и да се приклучат на онлајн-разговорот денес, користејќи ги хаштазите: #FreeInHijab и #WorldHijabDay.