Претставници на руската и турската војска денес во главниот руски град Москва започнаа со консултациите во врска со последните случувања во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Турската делегација на високо ниво, која се состои од официјални лица од генералштабовите, министерствата за надворешни работи и одбраната и претставници на другите релевантни институции, остварува средба со своите руски колеги на повеќе теми за сирискиот конфликт, изјави анонимен турски дипломатски извор за АА.
Двете страни дискутираат за додатните чекори за имплементирање на Руско-турскиот меморандум за сириски Идлиб, вели изворот.
Тој додава дека подготовките за трилатералниот Самит на ниво на шефови на државите Иран, Русија и Турција планиран за 14 февруари, се исто така на дневен ред.
Турската делегација ќе остане во Русија до недела.
Минатиот септември, по состанокот меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, двете страни се согласија за воспоставување на демилитаризирана зона во Идлиб.
Во рамките на Договорот, опозициските групи во Идлиб ќе останат во областите во кои се веќе присутни, додека Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во областите, со цел спречување на повторни судири.
На состанокот на 23 јануари, претседателите на Русија и Турција се согласија да изготват дополнителни мерки за зајакнување на имплементацијата на Меморандумот.










