Во Бразил опасност од пукање на уште една брана

0
162

Бразилските власти ја суспендираа денес потрагата по можни преживеани два дена после пукањето на брана во југоисточниот дел на земјата, бидејќи постои ризик да пукне уште една брана во сопственост на истата рударска компанија.

Денес, властите евакуираа неколку четвртини во градот Брумадињо кои се во домет на браната Б6, објави АП.

Педро Ахиара, портпарол на противпожарната служба Минас Жера, изјавил дека постои ризик од пукање и на друга брана во близина, објави Ал Џезира Балкан.

Членовите на семејството на исчезнатите, кои се надевале дека нивните блиски го преживеале “цунамито” составено од отпад од рудникот за железо откако во петокот пукна рударска брана, сега се очајни и гневни заради зголемената веројатност дека 300 лица кои сеуште се водат за исчезнати смртно настрадале.

До саботата вечер, кога властите ги прекинаа операциите за спасување до зората, од талогот-блато биле извлечени 40 безживотни тела, а 23 лица биле однесени во болница.