Турски доктор доби патент за иновативна нова техника на продолжување на коските, за да им се помогне на болните од рак и на оние кои имаат преживеано несреќи, јавува Anadolu Agency (AA).
Техниката, изум на д-р Гази Хури од Универзитетот „Хаџетепе“ во Анкара, беше успешно тестирана на животни и привлече голем интерес во САД и Европа.
„Во нашата студија започната во 2012 година, развивме следна генерација на импланти кои ја продолжуваат коската, по скршеници или пак поради тумори кои предизвикуваат губење на коскена маса или нејзино скратување“, изјави за АА Хури, добитник на наградата за млади научници на Турската академија на науки (TUBA) 2018 година.
Нагласувајќи дека продолжувањето на коската би било неопходно кога коскен тумор ќе се отстрани од телото или кога коската ќе се загуби како последица на несреќи, Хури изјави дека традиционалниот метод на продолжување на коската бара создавање на скеле-систем на надворешниот дел од оштетената коска, што предизвикува непријатност кај пациентите.

„Благодарение на приспособливата мобилна плоча, можеме да извршиме продолжување на коската за 1 милиметар во една сесија, или постепено (до 4 сантиметри)“, рече тој, додавајќи дека овој нов метод е поефикасен во споредба со традиционалните методи, поради неговата мобилност.
Хури изјави дека прототипите за имплантот биле создадени преку 3Д печатачи и тие прототипи биле експериментирани на модели на коски.
Хури истакна дека тие ги добиле меѓународните патенти валидни во САД, Европа и Јапонија, откако откриле дека мобилната коскена плоча немала меѓународен еквивалент.
„Направивме коскен дефект од 3 сантиметри на големата писка (лат: tibia, потколенична коска) од овца, а потоа ја имплементиравме нашата техника на мобилна коскена плочка. Подоцна, со техника на размена на сегметни, дневно правевме продолжување од 1 милиметар на коската и ги набљудувавме животните четири месеци“, рече тој, и додаде:
„На крајот од овој период, видовме дека коскениот дефект во должина од 3 сантиметри е целосно затворен. Покрај тоа, ја презентиравме нашата студија на еден од реномираните конгреси за ортопедија и трауматологија во Европа.“
На прашањето дали овој метод би можел да се користи за оние кои бараат продолжување на коските, Хури изјави дека тој не би го користел овој метод за козметички цели, од етички причини.











