ЕУ и НАТО го поздравија ратификувањето на Преспанскиот договор во Грција

0
176

По ратификацијата на Преспанскиот договор (Договор за решавање на спорот за името помеѓу Македонја и Грција) честитки упатија претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан, пренесува Anadolu Agency (AA).

Преку заедничко соопштение објавено на официјалната страница на Европската комисија, потпишано од Јункер, Могерини и Хан, се наведува дека тие „топло го поздравуваат следниот клучен чекор во ратификацијата на Преспанскиот договор, со денешното гласање во грчкиот Парламент“.

„Од самиот почеток, Европската Унија силно го поддржа историскиот договор потпишан од премиерите Ципрас и Заев, по преговорите под покровителство на Обединетите нации. Потребна е политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за решавање на еден од најтешките спорови во регионот. И двете земји ја искористија оваа единствена можност која поставува пример за помирување во цела Европа и ќе даде дополнителен поттик за европската перспектива на регионот“, се вели во соопштението.

Се додава дека ги чекаат следните процедурални чекори во имплементацијата на Договорот.

„Веќе со сигурност можеме да кажеме дека денеска Атина и Скопје, заедно, испишаа нова страница во нашата заедничка ЕУ иднина“, стои во соопштението на ЕУ.

– НАТО: Преспанскиот договор важен за стабилноста на целиот регион

Исто така, и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја поздрави денешната ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент.

„Ја поздравувам денешната ратификација на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент, што е важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. Со нетрпение очекувам идната Република Северна Македонија да се приклучи на НАТО“, напиша Столтенберг на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер.

Пратениците во грчкиот Парламент денес гласаа за Преспанскиот договор кој предвидува менување на името на Македонија во „Република Северна Македонија“.

Во грчкиот Парламент има 300 пратеници, од нив 153 пратеници гласаа „за“, 146 „против“, додека еден пратеник беше воздржан.

Овој договор во грчкиот Парламент помина со гласовите на сите 145 пратеници на владејачката „Сириза“ и со поддршка на осум пратеници од другите партии.

Со ратификување на Договорот од грчката страна, и двете земји ги исполнија своите обврски, со што се отвора патот на Македонија со името „Република Северна Македонија“ официјално да стане 30-та членка на НАТО.

Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција.

Собранието на Македонија Преспанскот договор го ратификуваше на 11 јануари оваа година, со поддршка на двотретинско мнозинство, односно со 81 глас „за”.