Претседателот на Венецуела Николас Мадуро соопшти дека донел одлука за повлекување на комплетниот дипломатски персонал од САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакна дека неговата земја ќе ја затвори амбасадата и конзулатите во САД, напоменувајќи дека веќе го повикал назад во земјата комплетниот дипломатски персонал на Венецуела.
Во обраќањето во Каракас, Николас Мадуро, нагласи дека неговата земја веќе ги прекинала дипломатските односи со САД.
Додаде дека дипломатскиот персонал на Венецуела од САД во сабота ќе се врати назад во земјата. Од друга страна, министерот за одбрана на Венецуела Владимир Падрино Лопез изјави дека војската е со претседателот на државата Николас Мадуро. Лопез во Каракас одржа состанок со командантите на воените сили.
Министерот за одбрана, по состанокот, на новинарите им рече дека во Венецуела веќе подолго време со меѓународна поддршка се подготвува државен удар.
Истакна дека војската на Венецуела е со претседателот Мадуро.
Протестите во Венецуела почнаа на 10 јануари на денот кога Мадуро положи свечена заклетва и го почна вториот мандат на функцијата шеф на државата.









