Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин утре треба да го одржат својот прв тет-а-тет состанок во 2019 година, пишува Anadolu Agency (AA).
За време на еднодневната работна посета на Ердоган на рускиот главен град Москва, двајцата лидери ќе разменуваат мислења за регионални и меѓународни прашања, особено за Сирија, како и за билатералните односи меѓу Турција и Русија.
Во пресрет на неговата посета, рускиот дневен весник „Комерсант“ минатата недела објави статија на Ердоган под наслов „Турско-руската соработка, клучна за решавање на кризата во Сирија“.
„Ние нема да бараме совет за тоа како да се справиме со една терористичка организација, чии активности се насочени против нашите граѓани повеќе од 30 години, или да бараме дозвола за борба против тероризмот.“
„Го задржуваме правото, при создавање соодветни услови, да ги гониме терористите кои ѝ се закануваат на нашата земја од сириска територија“, напиша Ердоган во статијата.
Ердоган истакна дека Турција нема проблем со сириските Курди, ниту со другите групи кои живеат во границите на соседната земја.
Нагласувајќи дека повлекувањето на САД од Сирија е чекор во вистинската насока, Ердоган истакнува: „Сириската криза може да се реши само од оние земји кои имаат корист од заздравувањето на сириските рани и кои ќе бидат повредени од нивното продлабочување.“
Кон крајот на месец декември, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека коалицијата предводена од САД успеала воено да ја порази терористичката организација ДЕАШ во Сирија, нивната „единствена причина затоа што се таму за време на претседателството на Трамп“.
Нагласувајќи дека е време американските сили да се вратат дома, Трамп подоцна упати на „бавно и висококоординирано повлекување“ на американските трупи од Сирија, по сугестиите на американските безбедносни власти.
Кога Трамп ја предложи идејата за безбедносна зона без насилства во Северна Сирија минатата недела, официјалните претставници на САД побараа од Турција да гарантира дека нема да спроведе операција против терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Турција ја поддржа идејата за создавање безбедносна зона во Сирија, но се спротивстави на барањето на САД во врска со терористичката организација.
– 25 контакти со Путин во 2018 година –
Ердоган и Путин имаа 7 тет-а-тет средби во 2018 година и 18 телефонски разговори на кои е дискутирано за билатералните односи и случувањата во регионот, особено во Сирија.
Двајцата лидери најпрвин се состанаа во турскиот главен град Анкара, каде што претседаваа со состанокот на високо ниво на Советот на турско-руската соработка на 3 април, ден пред трилатералниот Самит за Сирија помеѓу лидерите на Турција, Русија и Иран.
За време на Самитот на 4 април, Ердоган, Путин и иранскиот претседател Хасан Рохани ја истакнаа нината заедничка решителност за спротивставување на сепаратизмот, како и за користењето на тероризмот како изговор за менување на Сирија.
Ердоган, Путин и Рохани се очекува да се состанат во наредните месеци за да дискутираат за ситуацијата во Сирија.
– Ердоган и Путин се сретнаа на 6 самити –
Во 2018 година Ердоган и Путин се сретнаа на маргините на вкупно 6 самити.
Ердоган, Путин и Рохани прво се состанаа на 4 април во Анкара, а потоа на 7 септември во иранскиот главен град Техеран на трилатералните состаноци за Сирија.
На 26 јули Ердоган имаше тет-а-тет средба со Путин во Јоханесбург, на маргините на годишниот Самит на земјите од БРИКС – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.
На 17 септември лидерите се состанаа во рускиот град Сочи, каде што се согласија сириската северозападна покраина Идлиб да стане демилитаризирана зона.
На 27 октомври Ердоган и Путин се сретнаа и на четирилатералниот Самит за Сирија меѓу Турција, Русија, Германија и Франција во Истанбул, на кој присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
На 1 декември Ердоган разговараше со Путин на маргините на Самитот на Г20 во Аргентина.
– Турско-руската соработка на полето на енергетиката –
На 3 април Ердоган и Путин присуствуваа на церемонијата за нуклеарната централа „Акују“, преку видеоконференциска врска од претседателскиот комплекс во Анкара.
„Акују“ се гради од страна на Русија во турската јужна област Мерсин.
Нуклеарната централа се состои од четири единици, секоја со капацитет од 1.200 мегавати, и ќе ги задоволи околу 10 отсто од потребите за електрична енергија на Турција.
– Договорот за системот S-400 со Русија –
Одлуката на Турција да купи два системи за противвоздушна одбрана S-400 со четири батерии од Русија, во вредност од 2,5 милијарди долари, се реализира со Договорот потпишан од двете страни на 29 декември 2017 година.
Ова предизвика силно спротивставување од САД, кои предложија Турција да го отфрли Договорот доколку сака да го купи американскиот одбранбен систем „Патриот“.
Турција жестоко ги отфрли повиците на Вашингтон, а Ердоган истакна дека купувањето е одлука што треба да ја донесе Турција.
S-400 е најнапредниот руски ракетен, противавионски систем со долг дострел, и може да носи три вида проектили моќни да уништуваат цели, вклучувајќи балистички и крстосувачки ракети.
Системот може да следи и да вклучи до 300 цели во еден момент и има максимален дострел во висина (височински дострел) од 27 километри.











