(ВИДЕО) Ципрас: Договорот од Преспа е историски чекор за цела Европа

0
153

Со видео во траење од речиси две минути, објавено на социјалните мрежи, грчкиот премиер Алексис Ципрас, на граѓаните им ги разрешува дилемите за Договорот од Преспа.

-Дојде време да ја дознаеме вистината, е пораката на почетокот од видеото во кое се користени инсерти од потпишувањето на договорот, а во продолжение и делови од договорот, со објаснување што всушност тие значат за Грција.

Видеото е споделено на Фејсбук и Твитер.

-Договорот од Преспа е историски чекор, не само за двете земји и за поширокиот регион, туку и за цела Европа. Ги зацврстува односите на пријателство, соработка и стабилност, напиша Ципрас споделувајќи го видеото.

Паралелно, од Министерството за надворешни работи на Грција објавија текст во кој одговараат на најчесто поставуваните прашања од граѓаните во врска со Договорот од Преспа.

-Која беше националната линија прифатена од претходните влади? Што добива Грција од Договорот од Преспа? Со Договорот од Преспа, признаваме „македонска нација“ и „македонски јазик“? Како Грција е обезбедена во случај некоја следна влада да одлучи да отстапи од Договорот од Преспа? Што ќе се случи доколку од грчкиот Парламент не биде ратификуван Договорот од Преспа?, се дел од прашањата кои биле упатени до грчкото МНР.

Продолжува парламентарната расправа

Во 10.30 часот по локално време, денеска продолжува расправата на Комисијата за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент за нацрт закон според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.

Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, на вчерашниот брифинг со новинарите, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, во среда и четврток за нацрт законот ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следи и гласањето.

Процесот за ратификација на Договорот од Преспа започна вчера, а расправата на надлежната комисија траеше речиси пет и пол часа. Кусо пред 23 часот по локално време дискусијата беше прекината.

Пратениците, ги повторија позициите на нивните партии, оние кои што се „за“, говореа за позитивните аспекти на Договорот, додека пак оние што се „против“ со свои аргументи го поддржаа овој нивни став, објаснувајќи зошто нема да гласаат за ратификација на договорот меѓу двете земји.

Говорите на пратениците од владејачката СИРИЗА беа во насока дека Договорот од Преспа како основа ја има националната линија од 2008.

Нивните колеги од Нова демократија говореа за договор штетен за националните интереси.  Надлежниот за надворешна политика во опозициската партија, Јоргос Кумуцакос рече дека историјата ќе ги запише оние кои ќе го кажат штетното „да“ и оние кои ќе го кажат патриотското „не“ на гласањето за договорот.

Според најавите, за Ратификацијата ќе се гласа в четврток навечер.

Ратификацијата може да помине и со помалку од 151 глас