Рускиот претседател Путин допатува во посета на Белград

0
199

ускиот претседател Владимир Путин допатува денес во официјална посета на Белград, а на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ беше пречекан од страна на српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува Anadolu Agency (AA).

Неговиот авион во Белград слета околу 13:00 часот.

Путин од аеродромот, според планот на посетата, ќе ги посети гробиштата на ослободителите на Белград и Споменикот на Црвеноармеецот, каде што ќе положи венци, а потоа за него ќе се организира свечен пречек пред палатата Србија.

Во текот на денешниот ден, Путин ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ, двете делегации ќе имаат средби, а потоа двајцата претседатели ќе разменат потпишани билатерални документи.

Исто така, рускиот претседател на Вучиќ ќе му го врачи орденот „Александар Невски“, а потоа ќе го посети и Храмот „Свети Сава“ во Белград.

Претседателот на Руската Федерација во главниот град на Србија престојува по четврти пат. За последен пат во Белград престојуваше во 2014 година, како почесен гостин на воената парада по повод 70 години од ослободувањето на Белград во Втората светска војна и 100 години од почетокот на Првата светска војна.

Поради неговата посета се преземени највисоки мерки на безбедност.

Во чест на неговото доаѓање, главните сообраќајници во Белград се украсени со српски и руски знамиња, а низ градот се поставени и билборди во знак на пријателството на двете земји.