По изјавата на министерката за туризам на Грција, Елена Кундура дека ја поддржува грчката Влада, Панос Каменос, преку неговиот официјален Твитер профил ја отстрани од пратеничката група на Независни Грци, јави МИА од Атина.
-Госпоѓа Кундура преку официјално соопштение одлучи да го замени нејзиниот глас и името на Македонија со министерската фотелја. Уште од сега ја ставам вон пратеничката група на Независни Грци, напиша Каменос на неговиот официјален Твитер профил.
Кундура, преку изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА, рече дека ја поддржува владата и порача дека не преговара за нејзиното право да гласа онака како што и налага совеста.
-Јасно ја поддржувам Владата да ја заврши својата работа. Свесно останувам далеку од ситни политички игри и како и во текот на целата моја политичка кариера, така и сега ќе продолжам да одам напред со сериозност, одговорност и единствен критериум, националниот интерес, вели Кундура за АНА-МПА и објаснува дека владата напорно работеше за конечен излез на Грција од меморандумите и мерките за штедење и затоа „не може да се дозволи да се прекине патот на земјата кон развој и просперитет и да се поништат жртвувањата на грчкиот народ“.
Неколку часа подоцна и заменик министерот за земјоделство, Василис Кокалис од редовите на Независни Грци, во писмена изјава до медиумите, најави дека ќе ја поддржи Владата, јави МИА од Атина.
-Длабоко сум уверен дека оваа влада треба да добие можност да ја заврши својата работа со низа големи реформи и закони кои ќе ја вратат во нормала земјата и ќе отстранат секакво сценарио за дестабилизација. Од оваа причина ќе дадам глас за доверба на владата, објаснува Кокалис во неговата писмена изјава.
Тој, заедно со неговата сопартијка, министерката за туризам Елена Кундура, се дел од владината делегација во Кина.
И него Каменос го отстрани од пратеничката група како и Кундура.
-Василис Кокалис иако се наоѓа во фаза на преговори од Кина за неговиот глас за националното прашање доволна е неговата намера за замена на позицијата за да биде отстранет од пратеничката група на Независни Грци, напиша Каменос на Твитер.
Двајцата министри од редовите на Независни Грци не присуствуваа на вчерашната прес конференција на Панос Каменос.
Панос Каменос, претседателот на коалицискиот партнер на Ципрас АНЕЛ, по вчерашната 40-минутна средба со Ципрас во премиерската палата соопшти дека се повлекува од Владата образложувајќи дека „прашањето на Македонија не му дозволува да не ја жртвува фотелјата“ и си даде оставка од позицијата министер за одбрана. Тој најави дека неговата пратеничка група нема да ја поддржи Владата на гласањето за доверба, закажано за в среда.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера говорејќи на конференција посветена на Договорот од Преспа, само неколку часа по заминувањето на Панос Каменос од коалициската Влада, а на два дена по изгласаните уставни измени кај нас, му честиташе на неговиот македонски колега Зоран Заев, и рече дека со договорот, Грција се ослободила од логиката на национализмот и квазипатриотизмот за едно толку критично национално прашање, а „истото беше направено и од другата страна на границата“, јави МИА од Атина.
-Зоран Заев со неговата Влада го запечати целиот обид со храбрата уставна ревизија преку која се обезбедува долгорочноста на овој договор. Дозволете ми да му честитам од овде, бидејќи ова е првпат да говорам по позитивното завршување на процесот во Скопје. Дозволете ми да му честитам на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев за храброста што ја покажа, од почетокот до крајот на овој процес. Да му честитам бидејќи не се повлече пред националистичките протести на омраза кои таму ги организираше ВМРО, партнерот на Нова демократија во Европската народна партија, што инвестираше во насилство и во провокација, обидувајќи се да го поништи овој историски обид, рече грчкиот премиер.
Алексис Ципрас ја искористи можноста да упати порака до Грците дека нема да се повлече.
-Сакам да пренесам и една порака до грчките граѓани, а особено до секој грчки граѓанин што слободно размислува, независно на неговите политички убедувања. Како што таму не се повлекоа, ниту ние ќе се повлечеме. И ова го кажувам бидејќи со слични планови за политичка дестабилизација се соочувавме и се соочуваме и овде, во нашата земја и тоа од прв момент, порача Ципрас, споменувајќи ги проблемите со кои требаше да се справи Грција, како говорот на омраза, злоупотребата на учениците, но и последниот случај со објавувањето на лични податоци на пратеници кои што го поддржуваат Договорот од Преспа.
На конференцијата посветена на Договорот од Преспа, што се одржа во концертната сала во Атина, присутни беа речиси сите министри од редовите на СИРИЗА, пратеникот од Независни Грци Танасис Папахрисопулос, а на еден од панелите говореше и пратеникот од Река, Спирос Данелис кој отворено го поддржува Договорот од Преспа.
Извор:НоваТВ












