Најмалку 20 луѓе се повредени во експлозијата во пекара во Париз што се случи денеска, објавија француски медиуми.
Портпаролката на полицијата на Париз изјави дека нема загинати во инцидентот. Полицијата ги советуваше граѓаните на Париз да го избегнуваат тој дел од градот.
Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер, кој веднаш го посети местото на експлозијата во Париз, изјави дека „билансот од експлозијата е тежок“, јавува дописникот на МИА.
Во моментов има најмалку 20 повредени, во експлозијата се повредени и тројца пожарникари кои интервенирале при запирање на истекување на природен гас, кој според министерот Кастанер е најверојатно и причината за експлозијата.
Двајца од повредените се во животна опасност, седум лица се потешко и единаесет полесно повредени.
Министерот исто така појасни дека првите индикации зборуваат очигледно дека станува збор за несреќен случај, и додаде дека не постојат нови опасности од нови експлозии.
Експлозијата се случи во 9-от арондисман на Париз на улицата Тревис, нешто пред 9 часот изутринава.
Околу 10 часот, премиерот, градоначалникот на Париз Ана Хидалго и парискиот обвинител Реми Хeиц беа на самото место, додека хеликоптер леташе над местото на експлозијата, кои некои ја опишуваат како земјотрес. Според министерот за внатрешни работи, околу 200 пожарникари и 100 полицајци биле мобилизирани:
Градот Париз отвори посебно прифаќалиште за околните жители на зградите во градското собрание на 9-от арондисман.
Извор:НоваТВ










