Елвин Хасан : „Турција е голема земја на која можеме да се потпреме“

0
174

Елвин Хасан, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции во Владата на Македонија, истакнувајќи дека Турција ја поддржува Македонија на секое поле, од нејзината независност во 1991 година наваму, нагласи: „Турција ја гледаме како голема земја на која секогаш можеме да се потпреме“.

Елвин Хасан за министер беше именуван кон крајот на декември минатата година. Тој во разговор за Anadolu Agency (AA), говореше за односите меѓу Турција и Македонија, за состојбата на Турците во Македонија, како и за неговата работа во иднина.

Хасан истакна дека од датумот на прогласувањето на независноста на Македонија па наваму, Турција ѝ е најблизок пријател на Македонија, нагласувајќи дека Турција е првата земја која ја призна Македонија и секогаш ѝ излегувала во пресрет кога ѝ била потребна помош.

Потсетувајќи дека односите меѓу двете земји постојано се развиваат, Хасан наведе дека ќе направи сè што е потребно односите да се донесат на уште повосоко ниво.

Елвин Хасан, нагласувајќи дека Турција се наоѓа помеѓу 10-те најголеми трговски партнери на Македонија, рече: „Во 2018 година, трговската соработка се зголеми. Задоволни сме од зголемувањето од 19 проценти. И двете држави имаат за цел понатамошно зголемување на соработката. Трговската размена изнесува 400 милиони долари, нашата цел е да ја зголемиме на 1 милијарда долари“.

Министерот Хасан рече дека секогаш е подготвен да им помогне на инвеститорите од Турција, искористувајќи ги сите бенефиции што ги нуди Македонија. Хасан потсети дека ако турските инвеститори дојдат во Македонија, ќе им бидат обезбедени многу погодности кои се во согласност со законите и стандардите на Европската Унија (ЕУ) наменети за инвеститорите.

– „Турците отсекогаш ја поддржуваа Македонија на патот кон интеграцијата во НАТО и во ЕУ“

Потсетувајќи дека во минатото работел во невладини организации за социо-културниот развој на Турците во Македонија, Хасан рече дека во таа насока учествувал во многу активности, организирајќи различни проекти, панели, обуки и семинари наменети за турската младина.

Хасан наведе дека правото на Турците во Македонија да се образоваат на турски јазик, долги години поради поголем број проблеми се наоѓа на ниско ниво според квалитетот и додаде: „Што е можно побргу треба да се решаваат проблемите во областа на образованието. Новата Влада ќе ги развие потребните политики во таа насока, а јас планирам да говорам на седниците на Владата за преземање на неопходните чекори“.

Тој рече дека ќе работи во насока на зголемување на културните и социјалните активности, истакнувајќи дека очекува турските институции и невладините организации да бидат партнери во таа насока.

Хасан нагласи дека како државјанин на Македонија од турска етничка припадност е среќен што особено последниве години во Македонија и на Балканот може да се почувствува моќта на Турција.

„Во таа насока, убеден сум дека за каков било проект да станува збор, тој секогаш ќе биде во интерес на турската заедница и во интерес на развојот на соработката меѓу двете земји“.

Елвин Хасан, осврнувајќи се на активностите на турските институции во Македонија, ја спомена поддршката на Турската агенција за соработка и развој (ТИКА) на полето на образованието, која реставрираше повеќе училишта. За него исто така се позитивни напорите на институтот „Јунус Емре“ за популаризација на турскиот јазик, додавајќи дека за беспрекорна работа на турската Фондација „Маариф“ во Република Македонија ќе ја зголемат деловната соработка со Фондацијата.

Потсетувајќи дека Македонија на патот за интеграција во НАТО и ЕУ направи договори со соседните земји Бугарија и Грција, министерот Хасан изјави: „Турците отсекогаш ја поддржуваа Македонија на патот за интеграција во НАТО и ЕУ. Тоа можеше да се види и на минатиот референдум, на кој голем дел од гласачите Турци, особено на местата каде што претежно живее турско население, дури 99 отсто од нив гласаа „за” “.

Во разговорот, министерот Хасан се осврна и на важноста за турската заедница во Македонија во однос на членството во НАТО и во ЕУ.

„Зошто членството во НАТО е важно за нас? Затоа што ние ќе бидеме под ист покрив со Армијата на Турција, со Турските вооружени сили. Тоа е голема чест за Турците од Македонија. Со членството во ЕУ, сметаме дека ќе имаме можност да развиеме односи со милиони Турци кои живеат во Европската Унија и ќе можеме да соработуваме со нив. Се надеваме за подобра иднина на Македонија. Им придаваме значење на интеграциите со надеж дека тие ќе донесат просперитет за турската заедница во Македонија, за нивниот развој, за вработувањето, за подобро образование и надополнување на сите недостатоци во социо-културниот живот и во другите полиња“.

– „Нашата борба со ФЕТO ќе продолжи“

Елвин Хасан, потсетувајќи дека Турција ѝ ја дава својата поддршка на Македонија на секое поле, од осамостојувањето во 1991 година, истакна: „Турција ја гледаме како голема земја на која секогаш можеме да се потпреме“.

Осврнувајќи се на борбата што Турција ја води против терористичката организација ФЕТО, Хасан изјави:

„Нашата борба против ФЕТО ќе продолжи. Нашата борба против ФЕТО како поединци и индивидуи датира одамна. Свесни сме за штетите што ги направи врз турската заедница во Македонија. Нашата борба ќе продолжи и во таа насока. Се разбира, треба да се истакне дека таа борба ќе продолжи во согласност со меѓународното право и со законите во Македонија. Денес веќе и општеството во Македонија не гледа позитивно кон институциите на ФЕТО, и можеме да забележиме дека се оддалечува од нив. Сметам дека таа борба треба да продолжи. Мислам дека во периодот што следува, и како Влада, ќе ги преземеме потребните чекори“.

Министерот Елвин Хасан е роден во Штип 1985 година. Завршил магистерски и докторски студии на Катедрата за образовна администрација на Педагошкиот институт при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Десет години работеше како одделенски наставник во заедничкото основно училиште на селата Али Коч и Коџаали во источна Македонија.

Хасан во 2017 година беше назначен за заменик-директор во Државниот испитен центар. Тој е и заменик-претседател на Партијата за движење на Турците во Македонија.