Во Скопје ќе се гласа за уставните измени, Владата на Ципрас пред гласање недоверба

0
268

Во пресрет на последното гласање на уставните измени во македонското Собрание и на чекор пред Договорот од Преспа да помине на грчки терен, во Грција се вжештува политичката клима.

Сите знаци водат кон тоа дека коалиционите партнери во Владата се пред разделување, а иако се споменуваше за вчера, сепак според грчките медиуми, Алексис Ципрас и Панос Каменос ќе одржат средба во петок, јавува МИА од Атина.

Претседателот на Независни Грци, министер за одбрана на Грција и коалициониот партнер во владата, за денес закажа состаноци на парламентарната група и на извршниот комитет на партијата.

Германската канцеларка Ангела Меркел во четврток и петок ќе престојува во Грција, на средби со грчкиот државен врв. Меркел, ќе се сретне и со лидерот на Нова демократија, а портпаролката на грчката опозициска партија, Мариа Спираки, вели дека Мицотакис на германската канцеларка ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

-Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите, рече Спираки на вчерашниот брифинг со новинарите, додавајќи дека актуелната грчка влада, штом Панос Каменос си замине, тогаш ќе треба да побара доверба од Парламентот.

Од кабинетот на Алексис Ципрас го повикаа лидерот на Нова демократија да достави предлог за гласање недоверба на Владата.

По сценаријата и шпекулациите во Грција, како во однос на ратификацијата на Договорот од Преспа, така и во однос на евентуалното гласање доверба на грчката влада, од партијата Река, преку соопштение рекоа дека го поддржуваат Договорот, но не и актуелната грчка влада.

-Река уште од формирањето во 2014 е за сложено име за ПЈРМ со географска одредница за сите употреби. Одолговлекувањето на проблемот со децении е на штета на Грција, како што сведочи признавањето на соседната земја под името „Македонија“ од над 140 држави. Особено во сегашните околности, ја поддржуваме интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа ќе придонесе за развојот и стабилноста на регионот. Од истите причини, позитивни сме за влезот на ПЈРМ во НАТО. Треба веднаш да ги затвориме фронтовите на нашите северни граници и со поддршка на нашите сојузници да се справиме со опасностите од исток. Ова е во интерес на нашата татковина, соопштија од Река.

Во однос на евентуалната поддршка на Владата, од партијата потенцираа дека нема да ѝ дадат глас за доверба затоа што се опозиција и тоа нема да се смени и повторуваат дека „ако Независни Грци се повлечат од владиното мнозинство, тогаш земјата треба да оди на избори“.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, Договорот од Преспа бил една од темите за кои разговарале алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос и американскиот амбасадор Џефри Пајат на нивната средба во Министерството за надворешни работи на Грција.

Извор:НоваТВ