Младата Саудијка задржана во Тајланд нема да биде екстрадирана во Саудска Арабија

0
194

Во југоисточната азиска земја Тајланд, на аеродромот во Бангкок приведена е млада девојка, државјанка на Саудиска Арабија, која бегала од семејно насилство. Властите во Тајланд соопштија дека без нејзина согласност, младата девојка нема да биде екстрадирана во ниту една друга земја, јавува Anadolu Agency (AA).

Како што соопшти тајландскиот весник „Бангкок пост“, 18-годишната девојка Рахаф Мухамед ел Канун ќе биде задржана од властите на Тајланд, за да може нејзиното барање за азил во Австралија да биде разгледано од страна на Обединетите нации (ОН).

Сурачате Хакпарн, директор на полицијата за имиграција на Тајланд, истакна дека младата девојка која слетала на аеродромот во Бангкок била задржана по барање на саудиските власти. Таа сакала преку аеродромот во Бангкок да лета за Австралија. Хакпарн истакна дека по барањето на саудиските власти, девојката е задржана на аеродромот во Бангкок, по што таа се затворила во хотелска соба на самиот аеродром. Тој истакна дека девојката нема да биде екстрадирана во ниту една земја против нејзината волја.

„Ако не сака да оди, нема да ја принудиме. Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) и ние ќе ја сослушаме. Ќе ја прашаме дали има побарано азил во која било земја. На тој начин ќе обезбедиме координација“, рече Хакпарн.

Претставникот на УНХЦР за Тајланд истакна дека ОН контактирале со младата девојка за да разговараат за условите за азил.

Пораките што Канун ги објави на социјалната мрежа Твитер, откако беше задржана на аеродромот во Бангкок за да биде вратена кај нејзиното семејство во Кувајт, предизвикаа голем одек на социјалните мрежи. Се појавија тврдења дека овластените лица од Амбасадата на Саудиска Арабија во Бангкок ѝ го одзеле пасошот на младата девојка.