Легендарниот Драгослав Шекуларац, некогашниот фудбалер на Црвена ѕвезда, почина во 81. година од животот, соопшти денеска фудбалскиот клуб Црвена ѕвезда, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нашиот Шеки, легенда, мајстор во копачки, виртоуз… Човекот кој беше симбол на едно време, фудбалер чие име и презиме секогаш ќе се изговара со почитување и восхитување“, наведено е денес на сајтот на Фудбалскиот клуб.
„Драгослав Шекуларац е роден на 8 ноември 1937 година во Штип и со своите игри и говори во дресот на Ѕвезда заслужи да се најде во најтесниот избор за најдобар играч на нашиот клуб за сите времиња. Почина на 5 јануари оваа година.“
Еден од најдобрите дриблери на овие простори за првиот тим на Црвена ѕвезда дебитираше во 1955 година. За 11 години во клубот одигра 470 натпревари и постигна 119 гола, освои 7 титули на државен првак и 5 купа. Како тренер освои двојна круна, а тимот од Маракана, кој го остави на својот наследник, во првата сезона по неговото заминување стана и шампион на Европа и на светот.
„Кралот на дриблингот“, репрезентативец кога Југославија беше олимписки победник, четврта во светот и втора во Европа, за државниот тим одигра 41 натпревар и даде 6 гола.
„Нема сомнеж дека Драгослав Шекуларац засекогаш ќе биде запаметен како еден од најголемите во историјата на фудбалот, а сите оние кои ја имаа честа да се запознаат со него, барем еднаш да поразговараат, засекогаш ќе го чуваат во најубаво сеќавање“, наведоа од Ѕвезда.
За точното време на одржување на комеморацијата и погребот јавноста ќе биде дополнително информирана.











