Германската канцеларка Меркел и други германски политичари беа цел на хакерски напад во кој беа објавени нивни лични податоци, информации за кредитни картички но и броеви на нивните мобилни телефони. Меѓу објавените податоци се и неколку имејл пораки и телефонски броеви на членови на нивните семејства.
Сите овие податоци беа објавени на Твитер преку непознат профил. Во оваа фаза не е јасно колку чувствителни информации содржи преписката објавена од канцеларката.
Германската министерка за правосудство, Катарина Барлеј го осуди сериозното истекување на лични податоци на политичари на интернет, нарекувајќи го напад на демократијата.
„Извршителот на нападот сака да ја урне довербата во нашата демократија и нашите институции“, кажа таа додавајќи дека извршителот или извршителите итно мора да бидат најдени и дека треба да се открие мотивот зад нападот.
„На криминалците и оние кои ги поддржуваат не смее да им се дозволи да диктираат каква било расправа во нашата земја“, кажа министерката.
Објавени се информации за пратеници од сите партии во германскиот парламент, освен за пратениците од Алтеранатива за Германија.
Германските медиуми објавија дека хакирањето на личните податоци на стотина германски политичари на сојузно и државно ниво било откриено доцна синоќа.









