Иранското правосудство одлучи да воведе блокирање на пристапот на популарната социјална мрежа Инстаграм, пренесува Anadolu Agency (AA).
Заменикот на главниот ирански обвинител, Џавад Џавиднија, изјави дека споменатата одлука веќе е донесена, но дека сè уште не е имплементирана.
Џавиднија изјави дека иранските власти претходно ветиле оти содржините од споменатата мрежа ќе ги блокираат преку паметен филтер, но тоа не е објавено со оглед дека станува збор за скап потфат.
„Сега имаме одлука на правосудството според која оваа платформа се затвора. Поголемиот дел од Врховниот совет за кибербезбедност, исто така, смета дека треба да се блокира пристапот“, изјави Џавиднија.
Министерот за комуникации и информатички технологии, Џавад Азари Џахроми, одговорајќи на прашањата на новинарите по состанокот на Советот на министри на Иран, изјави дека на иранскиот народ треба да му се соопшти зошто се блокира пристапот на Инстаграм, односно дека народот треба да знае што ќе донесе таа забрана.









