Бангладеш: Премиерката Хасина победи на вчерашните парламентарни избори

0
192

Владејачката лига Авами на премиерката Шеик Хасина победи на вчерашните парламентарни избори во Бангладеш, пренесува Anadolu Agency (AA).

Неофицијалните резултати пренесени на локалните телевизиски мрежи покажуваат дека Големата коалиција предводена од владејачката партија освоила 281 од 299 пратенички места, обезбедувајќи трета последователна победа за Хасина, која е на чело на земјата уште од 2008 година.

Од 293, владејачката лига Авами освои 258 места, нејзиниот сојузник партијата Џатија обезбеди 22 места во националниот Парламент, додека опозициската Национална партија на Бангладеш (BNP) освои шест места.

За да формира влада во Бангладеш, на партијата ѝ се потребни 151 од 350 пратенички места. Во Парламентот 300 члена се избираат директно од гласовите, додека 50 места се резервирани за жените.

По вчерашното гласање, опозициската Национална партија (BNP) ги отфрли изборите, тврдејќи дека имало местење на гласовите на национално ниво, обвинение кое Владата го негира.

Над 50 кандидати од главната опозициска Национална партија на Бангладеш, сите 25 кандидати од коалициската партија Џамаат е Ислами и неколку независни кандидати беа меѓу оние кои ги бојкотираа изборите, велејќи дека постои измама и контролирани избори од страна на Владата.

Другите помали опозициски партии, вклучувајќи ги Ислами Андолан Бангладеш и левичарската Ганосамати Андолон, исто така ги бојкотираа изборите.

Избирачките места беа затворени во 16:00 часот по локално време, а во вчерашните немири низ земјата загинаа најмалку 17, а повредени беа над 60 лица.

Изборната комисија и владејачката партија ги отфрлија наводите за местење на гласовите и изборите, наведувајќи дека изборите биле претежно мирни, фер и ненасилни на национално ниво.