Министерството за одбрана на Република Турција ги отфрли клеветите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на сметка на турската војска, нагласувајќи дека тие се неумесни, невтемелени и невистинити, јавува Anadolu Agency (AA).
Турското Министерство реагираше преку соопштение во однос на тврдењата на израелскиот премиер Нетанјаху, кој изнесе обвинувања на сметка на Турција и претседателот Ердоган во врска со политиката на земјата за Северен Кипар, како и за борбата против терористичката организација ПКК во регионот.
„Ги отфрламе неумесните, неоснованите и невистинити клевети на израелскиот премиер Нетанјаху, кој се соочува со политички проблеми и обвиненија за корупција во својата земја, и поради тоа сака да го одвлече вниманието“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека вооружените сили на Република Турција во текот на акциите и операциите во својата славна историја никогаш не сториле нешто поради што би се срамеле. Истакнато е дека оние кои на рацете ја носат крвта на палестинските деца, не можат да ја клеветат војската на Турција, која е гарант на мирот.
„Турската војска никогаш не убивала деца, ниту пак некогаш е споменувана во тој контекст. Како што можеше да се види и во мировната операција на Кипар, и во борбата против тероризмот, во офанзивите „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, кои се спроведени во согласност со меѓународното право и договори, и во најтешките услови за операции, вооружените сили на Турција секогаш ги штителе цивилите и невините луѓе, историските, верските и културните споменици“, се вели од Министерството.
Исто така се нагласува дека претходно кажаното најдобро може да се види ако се споредат фотографиите по операциите врз градовите Рака, Алепо, Мосул и Гута, со операциите во Африн и Ал Баб.
„Вооружените сили на Турција во сите свои операции беа рака за сочувство на населението, и тоа и ќе продолжи. Најдобри сведоци за тоа се оние кои живеат во Турција и во околните земји, но исто така и десетиците илјади наши браќа Курди кои најдоа прибежиште во нашата земја“, се вели во соопштението на турското Министерство за одбрана.











