Предвремени избори во Израел во април 2019

0
163

Лидерите на политичките партии кои ја сочинуваат коалициската Влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, договорија распишување предвремени избори во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во заедничката изјава лидерите на владејачката коалиција соопштуваат дека предвремените парламентарни избори во Израел ќе се одржат во април следната година.

Редовните парламентарни избори требаше да се одржат во ноември 2019 година.

Во соопштението се наведува дека сите коалициски партнери се согласни за одржувањето предвремени избори во април, но не е наведена причината за таквата одлука.

Израелските медиуми тврдат дека изборите ќе бидат одржани на 9 април.

Расправата за предвремени избори во Израел беше започната минатиот месец, кога премиерот Нетанјаху категорично ги отфрли таквите идеи и тврдеше дека изборите ќе бидат одржани по редовна процедура во ноември.

Политичката криза во Израел изби минатиот месец, кога поднесе оставка министерот за одбрана, Авигдор Либерман, кој не беше задоволен од тоа што Израел постигна договор за прекин на судирите со палестинските групи во Газа.

На незадоволство на коалицискиот партнер, партијата Еврејски дом, Нетанјаху лично ја презеде функцијата министер за одбрана на Израел.

По оставката на Либерман, коалициската Влада на Нетанјаху, составена од пет партнери, остана со 61 од вкупно 120 пратенички места во Кнесетот.