Бројот на загинати од цунамито што се случи во Сундскиот Теснец во Индонезија, се искачи на 222 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на индонезиската Национална агенција за справување со природни катастрофи (BNPB), Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека во цунамито што го зафати Сундскиот Теснец, кој се наоѓа меѓу островите Суматра и Јава, бројот на загинати изнесува 222 лица. Тој информираше дека во оваа природна катастрофа бројот на повредени изнесува 843.

Нугрохо додаде дека во подрачјето за исчезнати се водат 28 лица, а оштетени се 556 домови, 9 хотели и 350 бродови и чамци.
Нугрохо информираше дека досега нема податоци дека од цунамито се погодени странски државјани, додавајќи дека Пандегланд, Серанг, Лампунг и Тангамус се подрачја кои се најмногу погодени од цунамито.

Операциите на евакуација и спасување се во тек, а бидејќи има подрачја до кои спасувачките екипи сѐ уште не пристигнале, се стравува дека бројката на загинати би можела да се зголеми.
Официјалните лица информираа дека причина за цунамито е активноста на вулканот Анак Кракатау (Детето на Кракатау).

Во септември нивото за предупредување во подрачјето беше поставено на второ највисоко ниво поради зголемувањето на вулканските активности на Анак Кракатау.
На 28 септември годинава, подрачјето на островот Сулавеси го потресе земјотрес со интензитет од 7,5 степени, по кој следуваше цунами. Во оваа природна катастрофа животот го загубија над 2.000 лица, а околу 1.500 лица се водат за исчезнати.
Индонезија се наоѓа во пацифичкиот „Огнен појас“, каде што тектонските плочи се судираат и предизвикуваат чести сеизмички и вулкански активности. На 26 декември 2004 година ова подрачје го потресе земјотрес со интензитет од 9,1 степен, по кој следуваше цунами кое имаше разорни последици. Во овие природни катастрофи кои ги зафатија териториите и на соседните земји, животот го загубија 230.000 лица.











